Разно

Како грациозно да старееш

Најдобриот збир на совети што денес ќе ги добиеш. Видеото тргнува од таму дека што и да ти се случува, тоа веќе му се случило некому. Почекајте го стариот да ви ја каже главната поента.

Ова се вашите вести од економијата

Нивниот проблем е што сите новински репортажи на вести им изгледаат идентично, со востановени ТВ трикови, графики и пози. Нашиот проблем е што се стремиме да го имаме нивниот проблем и никако не успеваме.

Џон Стујарт во кечери, ден втор

Ок, сè знаеме за кечери, сè знаете за кечери. Ама пак има еден дел од времето кој почнува од моментот кога го креваат Џон Стујарт на рамо и трае се додека не го треснат од патос, во кој забораваш сè што знаеш и како мало дете го гледаш паднатиот херој и вистински веруваш во неговата болка.

Старецот и планината

Во 1959-та, умира сопругата на Дасрату Манџиј, индиски рудар од најниска каста. Жената умира откако се повредува и не може да стигне на време на доктор. Главна пречка во тоа е една планина во нејзиното родно место. По ова, Манџиј секој ден со чекан, длето и метална шипка ја копа планината и се обидува да ја пробие. По 22 години, со истиот овој алат и упорност, тој успева да направи прооден пат низ планината. Сега Боливуд сними и филм за него.

Првиот ден на училиште на холандската принцеза

Пред да почнеме со предрасуди треба да се има предвид дека Принцезата Амалија е 11-годишната ќерка и првородено дете на актуелниот холандски крал Вилем Александер, и дека таа ќе биде негова наследничка холандскиот трон. Следствено на тоа е и целиот стил на живот што го има, вклучително и тргнувањето и помпата поврзана со првиот училишен ден за годинава.

Карате кид лекција по спинување

Теми за размислување по гледање на клипот:

- Улогата на човекот кој ја раскажува приказната и неговиот агол.

- Дали Карате кид и новото дете што доаѓа да решава проблем во туѓ град се основата на американската геополитика во последниве 30 години, во која САД генерално ги решаваат проблемите со интервенирање на туѓа почва?

- Можно ли е толку да сме биле заслепени и да не сфатиме дека Даниел е негативецот, а не тој плавиот?

- Дали Мијаги има демонски моќи?

Последниот кинески тест

5 средношколски професори од Кина заминуваат на размена во Британија. Таму се ангажирани во едно од поуспешните средни училишта во земјата, според рангот на националните тестови. Секој од петмината има свој предмет, каде тераат според методологијата од Кина. На крај нивните ученици ќе бидат тестирани наспроти учениците кои учат по англиска програма.

Песимизам за вас прекрасни луѓе

Глобалната мантра која прави нормални луѓе да имаат константно блажен израз на лице, како да преживеале мозочен удар, налага дека во живот треба да бидеш позитивен и оптимист. Наспроти ова, песимизмот врши далеку повеќе работа.

ГоПро Вињак едишн

Единствен начин достоинствено да направиш селфи на свадба. Локално е промовиран на српска свадба, ама без проблем се адаптира на која било околина.

Луѓето што собираат пари за вам да биде подобро

Телеевангелистите се една од малкуте ступидни работи на кои сите овие години успешно им пркосиме да не си ги нагрбачиме сами на себе. Од сам старт сме запоседнати со гатачи и исцелители, кои и покрај ограниченоста на целата нивна логика, успеваат да стигнат до неочекувано голема публика, меѓутоа не и да направат некоја страшна штета (со чест на исклучоците). Поентата на Џон Оливер е - тоа што некој е доволно наивен да верува во вакви работи, не значи дека треба да го злоупотребиш.

Чад од цигари вс. пареа од е-цигари

За сега цигарите главно се полоши само затоа што сме имале доволно време за да видиме колку се штетни. Тоа што првите се полоши, не значи дека вторите се добри.

Што сè дознавме од Нови хоризонти за Плутон

Во јануари 2006-та, од ракетата Атлас 5 беше лансиран Нови хоризонти. Една година подоцна прелетува покрај Јупитер и ја користи неговата гравитација за да добие дополнителна сила и да стигне до Плутон. Кога стигна таму, ги вклучи инструментите и почна да собира податоци.

Бакнеж одложен 16 години

Прекрасно илустрирана приказна за младите Николина и Марко од Мостар чија детска романса бива прекината од граѓанската војна во Југославија.

Против општонародна одбрана и заштита

Минатата година ова време во Фергусон, Мисури, беше убиен Мајкл Браун. Браун беше црно момче, убиецот беше бел полицаец. Ова последователно доведе до немири, немирите до пљачкосување и уништување на продавници, што речиси и да немаше некоја продавница која беше помилувана. Годинава сопствениците на уништените продавници подготвени ја дочекаа годишнината од убиството на Браун и очекуваните немири.

Договорот меѓу Луи Ц.К и Робин Вилијамс

Во една од епизодите од Луи, главниот лик (Луи) и Робин Вилијамс се среќаваат на погребот на еден заеднички пријател. Двајцата се разделуваат со ветување дека кога едниот од нив ќе умре, другиот ќе му дојде на погреб. Денес е една година од смртта на Робин Вилијамс.

Удри Брус Ли!

Пред да знаеш дека "даската не го враќа ударот," треба да искршиш неколку даски. Пред да пуштиш клип од дете како полага за бел појас, треба да имаш вовед за клипот.

Илузијата на лоши компјутерски ефекти

Луѓето мислат дека компјутерските ефекти (CGI) се лоши и ги расипуваат филмовите бидејќи луѓето можат да ги забележат само лошите компјутерски ефекти, добрите минуваат глатко и незабележано, па никому не му доаѓа да ги пофали. Барем таква е теоријата во видеово.

Хашки момент на вистината

Ако се прашувате како оној злотвор Шешељ успеваше сам да се справи со целата таа озбилна машинерија наречена Хашки трибунал, да потсетиме на еден легендарен момент со судијата Жан Клод Антонети, кој патем беше еден од попристојните господа во таа ергела дебело платени хашки кадии.

Како се калеше мајсторот

Џејк Вејдман е еден од само 12-те луѓе во светот со титула "Master Penman". Вејдман е речиси 3 децении помлад од останатите 11. "Кога луѓето ќе ми кажат - правиш ова да изгледа толку лесно, си мислам - ти не беше со мене кога бев буден до 4:30 наутро и работев на ова. Луѓето обично го гледаат крајниот резултат, ама не го сфаќаат трудот што е потребен за ова."

Сите кариери што почнаа на Дејли Шоу

Како што доаѓа крајот на владеењето на Џон Стујарт, така се редат и сите подвизи на шоуто. Бројот на ѕвезди што ги има лансирано шоуто е едно од најважните одликувања што може да ги има.

Задолжителен трејлер на денот

Настанот е важен со самото тоа што го најавува почетокот на втората сезона од еден од најважните социолошки експерименти од овој период на постоењето на човештвото - "The Moaning of Life," документарецот во кој Карл Пилкингтон шета низ планетава и го запознава светот.

Секој нов колега на работа

Ако ти е некаква утеха, ти не работиш со крокодили и не заработуваш пари со ставање рака во уста на тоа ѕверовите. За новиот колега нема утеха, прекорот и презирот во очите од постарите е ист без разлика дали си напраил глупост на сред работа со крокодил или не си ја измил шолјата од кафе.

Живите мостови во Индија

Мостовите се корисна работа но имаат неколку мани: скапи се, тешки за одржување, со текот на времето ослабнуваат а некогаш и оградите им вредат право богатство. Не во Индија.

Водоправачите

Со целата заслужена почит кон рачно изработените занаетчиски производи, ама целата таа хипстер-занаетчија сцена веќе почнува да нервира. Зошто? Затоа што ако не ти нагласат дека видеово е нивна пародија, нема да бидеш 100% сигурен што точно гледаш.