Разно

Филмовите на 2016

Може не е тешко како да снимаш цел филм, ама вакви монтажи прават да имаш стравопочит кон луѓето што монтираат трејлери (и тие околу нив што ги трпат). Нормално, изборот е речиси скроз од американска продукција, подфолдер "блокбастери".

Секоја приказна е иста

Без разлика што изгледа дека сме преплавени со најразлични приказни претворени во филмови, книги и серии, всушност постои само една единствена приказна која цело време се вергла. Без разлика дали е 18-то продолжение од Умри машки, Ѕвездени војни: Нова надеж или романтична комедија.

Бркај работа

Носот го одморивме, сега е ред на раката. Не, ова не е гаџет за Порнхаб и екчуали, изгледа како корисна работа. Ние ќе чекаме поголема верзија, за ајвар.

Несаглам

Хилари за време на кампањата ги нарече гласачите на Трамп `deplorables` (отприлика: несаглам). Рози Одонел, жената немесис на Трамп, деновиве излезе со шпекулација дека малиот (10 години) Барон Трамп можеби е аутистичен. Демек она се секира, демек би било супер за свесноста околу ова прашање. Нема она гајле што шпекулира околу здравјето на дете. Заради вакви работи, покрај другите утки, демократите изгубија.

Како никогаш повторно да не залепиш велосипедист со врата од кола

Има нешто што по основа на географско потекло и пракса се вика "холандско посегање" и иако звучи како име на многу конкретен фетиш, всушност е потег кој ќе помогне околу еден од најголемите стравови на секој градски велосипедист - да не му отвориш врата од кола пред нос.

Војната за рафтот во твојот супермаркет

Бројките се американски, праксата не е исклучиво американска или и кај нас локално непозната.

Чистењето улици никогаш не било поинтересно

Може не е интересно за работа, ама за гледање е магично. Исто така многу објаснува и за тоа како низ светов им успева „сè да им е чисто ко вчера да е правено“.

Човекот кој уште не знае кој победил за претседател

Изборната ноќа ја преспал и утрината сфатил дека ништо не му фали што не знае. И оттогаш одбива да дознае, избегнува секакви медиуми а кога е надвор, става слушалки и носи плочка со напис "Не ми кажувајте кој победил". "Многу е мирно во моето балонче на незнаење," вели зен мастерот.

Како не се најдоа Џорџ Лукас и Дејвид Линч

Се нашле тие двајца, ама, на салата. А со салата не започнало ниедно успешно сојузништво во историјата. 

Нејт Силвер се пере пред народ

За тие што не го знаат, Нејт Силвер е страшно добар статистичар, кој спектакуларно многу утна годинава на претседателските избори, и ова не му е прв пат. Неговата одбрана е "јас ги земам бројките од анкетите, не ги правам анкетите". Прашањето од Ноа е, па што земаш глупи бројки.

Дејвид Блејн вс. Дрејк, Шапел, Кари

После видеово, бабата во вас ќе си помисли "Дејвид сине, што не учеше школо да не треба вака да се мачиш?"

Преживување на работ од шахтата

Човеков со голи раце и без заштитна опрема чисти улични шахти и одводи од куќите, и без разлика колку е нечовечка и понижувачка работата во земја со над милијарда луѓе тој не може секој ден да најде ангажман, делумно и затоа што неговиот занает (во идентични услови) во земјата го работат уште 1,3 милиони луѓе.

Економија, сендвич со пилешко и пилешко

Минатата година еден лик на интернет (успешно) се обидува да направи седнвич со пилешко од нула. На крај за целиот овој подвиг му требаат 6 месеци и 1500 долари (сè правеше од нула, од одгледување правење брашно за лебот за сендвичот до сушење на морска вода за да добие сол). Истиот овој сендвич инаку се продава за околу 2 долари (стотина денари). Бонус, британска репортажа од 70-те, за генерацијата Американци што никогаш нема да го осетат вкусот на вистинско пилешко.

Трамп и либералниот гнев што остана заробен меѓу либералите

„Либералите беа бесни на Трамп и го искажаа својот бес во сајбер-просторот. Тоа немаше никаков ефект бидејќи алгоритмите се погрижија тие да им се обраќаат само на луѓето што и онака се согласуваа со нив“, порачува Адам Куртис во својот документарец за Бибиси, Хипернормализација. Филмот е излезен во октомври, кога сè уште никому не му се верува дека Трамп воопшто е републикански кандидат за претседател на САД.

Како беше снимана игуаната вс. змиите

Клучно за снимката е што е направена на остров кој толку нема контакт со човечка цивилизација, што животните се уште немаат научено да се плашат од луѓето, па човек може да ги снима сред работа. Втора клучна работа е бебе игуана кое мора да мине преку змијско гнездо за да дојде до своите родители.

Латиносите против Трамп

"M.A.M.O.N. (Monitor Against Mexicans Over Nationwide)" e филмче со куп визуелни ефекти кое се заебава со лудите најави за протерување мигранти и градење ѕид кон Мексико. Десперадос моментот со куферот - најјак. На бел Трамп со црн хумор, многу добро направено. 

Животе, не ме еби вака

Многу добро одбрани животни ситуации кога најбаналната ситница може да те фрли во очај и чувство дека судбината не е на твоја страна.

Со CNN во ѕид

Беше извонредно поучно да се следи како CNN суптилно ја тера водата накај Хилари (што е сепак медиум 2.0 во однос на овдешната бруталност и крвопијство). Нивен репортер наидува на постара женичка и знаејќи колку различно стојат Хилари и Трамп кај жените, милозвучно ја прашува: "Нели сте возбудени што ќе ја имаме првата жена за претседател на САД?"

Адоуб направи „Фотошоп за аудио“

За тоа што допрва нема да можеш да разубедиш човек во вистинитоста на некоја аудиоснимка треба да му кажеш фала на Адоуб и нивниот нов проект Воко. Што е Воко? Софтвер што дозволува да му напишеш текст, а он со помош на магија (и неколку семплови од тебе) ќе го раскаже пишаниот текст со твој глас.

Магнус и баскетот

Ако фрлите баскет од многу високо, тој ќе паѓа нормално, по вертикала. Но, ако го фрлите со вртенка, ќе отиде џенем, заради тн Магнусов ефект. И јес да Магнус е роден во 1807-ма година, ама па немојте сега во Фб коментари да нè прашувате од кај му на Магнус баскет во тоа време.

Апел за тридневна работна недела

На младите светот им останува. Особено после среда.

Порно дијалог на денот

Кога си порно глумец ама важно ти е сценариото да има логика.

Планот за пресушување на Средоземно Море

Во 1920-тите германски архитект предлага делумно сушење на Медитеранот. Според него, потребно е нивото на водата да се намали за околу 100 - 200 метри, што доволно ќе ја повлече водата за Европа и Африка да можат да се поврзат на неколку места, и да се отвори нова површина за живеење / градење. По неговата пресметка, за ова да се постигне, треба да се направи брана кај Гибралтар, и уште две помошни. Еден од проблемите е што во тоа време нема доволно бетон во светот за да се изгради браната. А има и други проблеми.

Како да разликуваш добра од лоша анкета

Лоша анкета ти е како да пробуваш каква е чорбата, ама си земал само една лажица од горе. Добра е ако прво си ја промешал цела чорба, убаво до доле, па дури потоа си извадил една лажица.