Баја Патак полни 75 години

Најпознатата стипса и мрчатор на светот штотуку наполни 75 години, иако беше старка уште од времето. За некои негови совети мислевме дека се чисто зезање, додека македонската транзиција и нејзините перверзни исходи не ни покажаа дека се чиста вистина: „Чувајте ги малите пари, големите пари сами се чуваат“, викаше стариот. Ама, кој да слуша.

Баја Патак, скржавецот на Дизни што е старец уште на денот кога е нацртан, наполни 75 години. Иако не доживеа слава каква што доживеаја Мики Маус и Пајо Паторот, нема кој не го знае најбогатиот патор на светот што скока во својот преполн сеф како во базен. Своето оригинално име (Scrooge McDuck) го добил од Чарлс Дикенс, поточно од главниот лик во неговата Божиќна приказна. 

Баја сефте го среќаваме во Christmas on Bear Mountain во 1947-та. Неговиот творец, Карл Баркс, го планирал како дописен лик ама наскоро потоа веќе не можел без него. Тој е творец и на Пајо Паторот, а Баја е замислен како негова антитеза, негов пребогат вујко што го прибира зашто овој нема доволно пари за Божиќ. Тогаш се маскира во мечка, и си игра мајтап со Пајо и неговите Раја, Гаја и Влаја, па упаѓа вистинска мечка па настанува тотален хаос.

После оваа епизода, Баја добива засебен серијал, каде дознаваме како го стекнал богатството, какво му било детството во родната Шкотска, како го напуштил училиштето и дека првите заработени пари себично ги чува како амајлија. Баја попат еволуира: во подоцнежните серијали тој е бестрашен авантурист кој сака да го открие неоткриеното и да го реши нерешливото. Докрај останува скржавец, но веќе нема злобна жичка, и полека добива статус на автентичен херој. 

Освен Карл Баркс, за неговиот лик многу придонесе и Дон Рос заради чии цртежи тој е еден од најомилените имиња во светот на стрипот, а освен стриповите вреди да се спомне и анимираната серија Duck Tales, каде ги предводи Пајо и неговите пајташи на извонредни патувања

 

26 декември 2022 - 17:55