Писма на читатели:

Една графика, милион зборови

Ви испраќам една графика од Richard Caton Woodville, англиски новинар кој бил во Македонија за време на Илинденското востание. Графиката со наслов „Бугарија и македонското востание“,  датира од 10 октомври 1903 г. и во неа се опишува постапувањето на регуларната бугарска војска на границата меѓу Бугарија и европска Турција кон чета Илинденци кои се обидуваат да ја минат границата после разбивањето на востанието.

Настанот се одигрува најверојатно на реката Џума и на графиката јасно се гледа како војниците ја пресретнуваат четата, при што неколку четници се повредени, другите биваат разоружани и заробени, а дел од четата под оган се враќа назад во Македонија. 

Но тоа не е најтрагичниот дел од оваа графика. Најтрагичното е тоа што во средината на октомври 1903 г., востанието е речиси целосно разбиено, границата е целосно запечатена, а преживеаните востаници на било кој начин се обидуваат да стигнат до бугарска територија, единствена колку-толку пријателска територија во тоа време, а со тоа и да се спасат.

Во тој период во Македонија има околу 250 илјади аскер и уште 150 илјади нерегуларни сили, башибозук, а границата е целосно запечатена со ангажирање голем број на војници и странски воени советници, така што оваа конкретна чета го направила речиси невозможното со тоа што воопшто и стигнала безбедно до бугарската граница, најверојатно со секојдневна борба со аскерот, само за да биде разбиена од страна на бугарската војска и присилена да се врати назад на непријателска територија и со тоа во речиси сигурна пропаст.

Колку била сериозна ситуацијата зборува и фактот дека реонот под контрола на серскиот округ на Јане Сандански во тој период се вклучува со напади врз аскерот покрај границата само за да се извлечат што повеќе разбиени чети на безбедно, иако самиот Јане Сандански бил изричито против востанието и не учествува во истото со цел да го заштити цивилното население од одмазднички напади.

Има многу да се пишува, но мислам дека оваа графика е доказ дека Илинденското востание е чист израз на политичкото организирање на Македонците во Македонија и нивната желба за слобода и секое туѓо присвојување на тој историски настан претставува груба навреда за сите нас чии предци биле учесници и страдале во истото.

Поздрав,
Марко

***********

Види и:

За Стојан војвода и едно голомеше

9 јануари 2022 - 11:29