Атмосферски писма на задушени читатели

Решение: Чекајте февруари (нема чаре на краток рок). Жалам! На долг рок ова може (метеоролошко-инженерски) да се реши со подобро просторно планирање на градот, кое за Скопје беше катастрофално по 70-тите, а последниве 10 уште покатастрофално. Ова би бил скап и долг проект, но сигурен сум не многу поскап од СК2014.

Генерално, за извори на аерозагадување се сметаат индустриски капацитети, сообраќај, затоплување на домаќинства со огревно дрво... А како мерки за спречување на аерозагадувањето се посочуваат: имплементација на филтри за воздух во индустриските капацитети, возење пар-непар... Мое мислење е дека ниту ова се причините за аерозагадувањето во наведените урбани средини (се надевам сè уште урбани), нити пак мерките ќе помогнат за решавање на овој проблем.

Образложение: доколку аерозагадувањето е производ од првите две (индустриско аерозагадување, сообраќај), тогаш зошто изостанува во поголем дел од годината, а се случува секогаш во релативно ист период (декември-јануари)? Слично е и во однос на употребата на огревно дрво во зимските месеци. Имено, огревната сезона почнува многу порано (почеток-средина на октомври) од регистрирањето на зголемени концентрации на аерозагадување (крај на ноември, почеток на декември со траење до крај на јануари). Исто така (бар за Скопје), во централното подрачје се регистрирани највисоките концентрации на аерозагадувачи, но во централното подрачје нема многу корисници на огревно дрво (бар колку што јас знам).

Мерките што некои политички партии ги предлагаат (на пр. Партија на зелените) се далеку од мерки, и далеку од сериозен пристап на проблемот. Не знам дали овие партии се нарекуваат „зелени“ поради еколошката идеологија или алудираат на елегантен скопски израз за „недозреани“!? Да не бидам погрешно сфатен, јас верувам дека лоцираните аерозагадувачи се загадувачи и нормално дека треба да се почитуваат регулативите за одржливо и еколошко работење (поседување категорија А и останати детали што во Министерство ги имаат повеќе и од европските можеби). Но тука проблемот е многу покомплексен, а исто така и неговото решение.

Аерозагадувањето во одредени и специфични просторни и временски рамки (што е случај со Скопје, Тетово и Битола) ми дава за право да констатирам дека се работи за комбинација од природни, антропогени и метеоролошки состојби карактеристични за овие места.

Појаснување:
- Просторни рамки: сите се котлини и се наоѓаат непосредно под релативно високи планини (вклучувајќи го и Водно).
- Временски рамки: зголемено аерозагадување секогаш се регистрира во определен и релативно ист (годишен) временски период (декември-јануари).

Во што е тука проблемот? Проблемот се вика висина на атмосферски граничен слој (Atmospheric Boundary-Layer height, ABL)

Накратко и упростено: АБЛ е слој во кој вертикалното мешање (turbulence) на атмосферата е најинтензивно. Колку АБЛ е повисок, толку поголем е волуменот за мешање и распространување на загадувачките честички. АБЛ варира просторно, сезонски и деноноќно. Во летните периоди, во текот на ноќта АБЛ е до 100-200 м висина, а во текот на денот нараснува до 1,5 – 2 км. Над овој слој има слој со многу повисок притисок, кој не дозволува воздушните маси да се качуваат на поголеми височини (таму се создаваат облаците).

Тоа значи дека во еден убав летен скопски ден, воздушните маси (а со нив и ПМ10-честичките и сè останато) можат да се искачат и до 1,5 км висина, но во текот на ноќта таа висина е смалена на само 100-200 м, така што има поголемо аерозагадување поради концентрацијата на честичките во помал волумен.

Во декември на овие локации (котлини) оваа висина (АБЛ) може да се намали и до неколку десетици метри (10-30 м), што е карактеристично за скопската котлина (магла на аеродром, на автопат). Доказ за тоа е водената пара (магла), која не се искачува во погорните слоеви на атмосферата поради намалениот интензитет на мешање (поради слојот со висок притисок близу до земјата) и се концентрира веднаш над земјата. За да биде уште полошо, во услови на слаб ветер, истото аерозагадување што е во лето, сега, како и водената пара, се задржува (но и СЕ КОНЦЕНТРИРА) многу блиску го површината на Земјата (смог). Ова во градски услови придонесува за многукратно зголемување на концентрациите на аерозагадувачки супстанции (градски смог), кои се регистрираат на мерните инструменти.

Заклучок: Иста (константна во текот на годината) концентрација на аерозагадување во определени метеоролошки услови не предизвикува високо аерозагадување во урбаните средини, но во други услови (декември - јануари) може да придонесе за многу пати зголемени концентрации на аерозагадувачки материи.

Решение: чекајте февруари (нема чаре на краток рок). Жалам! На долг рок ова може (метеоролошко-инженерски) да се реши со подобро просторно планирање на градот, кое за Скопје беше катастрофално по 70-тите, а последниве 10 уште покатастрофално. Потребно е да се регистрираат (изучат) розите на ветрови над градовите во периодот декември - јануари (ќе бидат генерално секогаш исти), и овој ветер да се канализира низ т.н. реки на ветрови во градовите за да даваат вештачко дишење на градскиот организам во задушена состојба „аерација“. Ова би било скап и долг проект, но сигурен сум не многу поскап од СК2014. Исто така има низа технолошко-инженерски решенија (прочистувачи на смог) во светот за кои можеби вреди да се инвестира, но да бидам искрен, не сум запознаен со нивната ефикасност

Се надевам, ако ништо друго, бар придонесов за малку поинаков пристап на размислување за проблемот што во иднина ќе биде сè поактуелен.

Поздрав, Мето

22 декември 2015 - 09:39