Човекот кој го смисли "да пукне!"

"Да пукне" е глобален и сеприсутен поздрав. Се простира преку сите меридијани и паралели, функционира во сите социјални контексти, како универзален знак за добро завршена работа. Во животот на оној кој прв го смисли, лежат храбри но тажни приказни кои се за сè друго, само не за "да пукне".

Потегот постои илјадници години и може да се најде и на египетски записи стари преку 5.000 години. Но, кај нив не е сигурно во кој контекст функционира и која е смислата на поздравот.

Денешното "да пукне" е фрапантно ново, не постаро од 35 години. И има изумител со име и презиме. Се вика Глен Бурк, безбол играч на ЛА Доџерс, кој на еден битен натпревар против Хјустон (2-ри октомври 1977-ма) ја дига исправената дланка во воздух и му ја подава на соиграч по изведени три хоумрана, по што овој инстинктивно знае што да направи па ги плеска по дланката.

И така е родено "да пукне". Неговата популарност станува толку голема што Доџерси почнуваат да печатат маици со раце кои прават High five.

Глен Бурк не бил најдобриот играч во тимот но бил неговата душа, омилен меѓу играчите заради неговата ведрина и смисла за хумор. Инаку, балван од човек заради што го имал прекарот Кинг Конг.

Но, истата таа година се открива дека е хомосексуалец. А тоа се години во кои тоа не е лесна етикета. Клубот тајно му нуди тројно зголемување на платата ако се ожени и со тоа ги запре гласините на таа тема.

Бурк одбива.

Нешто подоцна бива позајмен во Оукленд Атлетикс, клуб со изразено хомофобна атмосфера. Може да се замисли како му било кога неговиот менаџер го претставил на новите соиграчи:

"Ова е вашиот нов колега, Глен Бурк. И да знаете, педер е."

По натпреварите, кога останатите одат на пиво и жени, Бурк најчесто фаќа такси и оди во дистриктот Кастро во Сан Франциско, каде што има луѓе со кои може да се разбере.

Сепак, притисокот врз него е преголем па решава да ја оконча својата професионална кариера на 27 годишна возраст. Две години подоцна, јавно преку медиумите се декларира за хомосексуалец.Се преселува во Кастро и станува икона на тамошната геј заедница, играјќи софтбол (варијанта на безбол) за еден локален клуб.

Но, доживува тешка сообраќајка по која веќе не може да игра. Депресиите го носат во кокаин. Кокаинот го носи во немање пари. Тоа го носи во кражби и Бурк завршува во затворот Сен Квентин.

Од него излегува тотално зависен од крак, без скршен денар и без дом. Завршува по улици во Кастро каде што просјачи, најчесто нудејќи им го на минувачите своето легендарно "да пукне".

Последниот натпревар кој го губи е АИДС-от. Една година пред да почине, во интервју открива дека со својата сексуална ориентација се помирил на 23 години, дека познавал уште најмалку 6 безбол играчи кои никогаш немале храброст јавно да проговорат за својата хомосексуалност и дека е горд на сè што направил.

"Тоа што бев црн и што бев геј ме направи поцврст," изјави Бурк за Милвоки Сентинел.

Умира во 1995-та година. Повеќето медиуми го издвојуваат само неговотo "да пукне", комплетно игнорирајќи ја неговата храброст да се спротивстави на хомофобијата во професионалниот спорт.