Првиот бодибилдер во историјата

Евгениј Сандов, Јуџин Сандоу или Јуџин Сендоу, се имињата за еден ист човек роден како Фридрих Вилхем Милер, кој се смета за основоположник на бодибилдингот или „првиот билдер на светот“.

Роден во Кенигсберг некогашна Прусија (денес руски Калининград), Милер на 18 години во 1885 бега од Прусија за да се спаси од служење војска. Живејачката ја наоѓа во работење како циркуски атлет, и тогаш и го менува името во Евгениј / Јуџин Сандов / Сендоу. Сандов е моминското презиме на мајка му, инаку Еврејка со руско потекло.

За време на патувањето со циркузот тој во Брисел се запознава со снагаторот („стронгмен“ по ново) Лудвиг Дурлахер (уметничко име Професор Атила), кој во градот има и своја вежбална за снагатори. Двајцата почнуваат да вежбаат заедно, а во 1889 под притисок на Дурлахер, Сандов се пријавува на натпреварувањето за снагатори во Лондон.

Во Лондон, Сандов лесно го победува актуелниот шампион и инстантно се стекнува со слава. За разлика од тогашните снагатори, Сандов повеќе работи на дефиниција отколку на чиста сила, заради што сериозно го разликува од конкуренцијата.

Ова го воочуваат и луѓето што го ангажираат Сандов кои забележуваат дека публиката повеќе е заинтересирана за неговиот изглед отколку за тоа колку тежина може да крене. По кратко време, неговите настапи почнуваат да се нарекуваат „перформанси за покажување мускули“ со што се разликуваат од класичното покажување сила.

Сандов е и главниот лик на еден од првите филмови што некогаш се направени. Снимен во 1894 од Томас Едисон, Сандов прави различни пози пред камера, покажувајќи ги своите капацитети и генерално капацитетите на тогашните камери.

По неколку години покажување мускули, Сандов го отвора својот прв Институт за физичка култура, каде предава методи за вежбање, прехранбени навики и тренирање со тежина. Во основа Сандов институтот е вежбална.

Со тек на време тој станува и првиот „фитнес инфлуенсер“ и почнува да продава книги со свои вежби, во кои речиси идентично како и денес ги убедува луѓето дека можат да изгледаат како него. Плус започнува да издава и месечен магазин за физичка култура.

Освен вежбањето, Сандов работи на унапредување на опремата за вежбање и создава различни парчиња опрема.

Во 1901, во Ројал Алберт хол, Сандов го организира првиот голем натпревар за бодибилдери во светот. Судии на натпреварот се Чарлс Ловс, Артур Конан Дојл и самиот Сандов.

Евгениј Сандов починува во својот дом во Лондон на 58 години, од крварење во мозок, најверојатно предизвикано од еден негов обид да крене автомобил.

16 јуни 2022 - 15:08