Зошто миленијалците изгледаат толку младо?

Писателката и новинарка Дејзи Џонс размислува зошто толку миленијалци изгледаат како да не стареат.

Бев во супермаркет да купам некој алкохол кога осетив дека менаџерот на продавницата стои позади мене. „Лична карта имаш?“ Немав, ама му реков дека имам 30 години и покажав кон лицето. „Гледаш? 30.“ Се изнасмеа како да сум детиште со премногу самодоверба што пробува дали ќе му пројде. Рече „нема шанси“ и ми ги зема лименките. Помислив да шутнам нешто наоколу кога веќе мисли дека сум тинејџерка - ама не сум - имам 30 и самоконтролата победи.

Луѓето сакаат да кажат „нека ти биде комплимент!“ кога некој ќе помисли дека си премлад, ама во моментов не ми е така. Дипломирав пред скоро 10 години. Работам како новинар и уредник од прилика толку, сум била во повеќе врски и сум се снаоѓала со интензивни животни искуства. Имам издадено книга. Кога некој ќе каже дека изгледам помлада отколку што сум, мене ми се слуша: Ништо од тоа не се важи. Сè уште не те сфаќам сериозно. Не дека луѓето со дваесет и кусур не ги сфаќаат сериозно, но јас сум поинаква од тоа што бев на 24, 25, па и 26. Сакам тоа да се гледа, однадвор.

Не мислам дека физички изгледам помлада од 30. Но, како и други миленијалци, оддавам помлада „енергија“. Рацете ми се прекриени со тетоважи, удобно ми е во дуксер и фармерки, едвај сум 1.60 м. Начинот на кој се држам и зборувам не е многу променет од последниве неколку години. И не сум само јас: сите мои пријатели што се на моја возраст, лесно ги грешат за пет години помлади. Моите наставнички во средно имаа по 30 и не изгледаа како нас.

Многу се зборува за миленијалците и нивното нестареење, дури и на ТикТок се дискутира - прашањето „зошто миленијалците не стареат“ има околу 19,4 милиони прегледи. Некои велат дека се должи на филери и ботокс и фактот што се поевтини и полесно достапни во денешно време, други велат дека е општата депресија што не им дава да излезат од дома и да ги фати сонце. Се поставува и прашањето дали само затоа што имаме телефони со камери и се гледаме често како никогаш досега, посветуваме многу внимание на изгледот. Или едноставно, старееме нормално, но не се чувствуваме така, па автоматски и не изгледаме така.

Една од личните теории ми е дека имиџот на „возрасен“ е едноставно застарен и не се вклопува во најновите стилски и културолошки промени. А сепак сум свесна дека возраста е безначајна работа и етикетите што ги ставаме на една личност само заради годишен маркер се правење лоша услуга на индивидуализмот на таа личност. Знам дека повеќето луѓе не се чувствуваат како за возраста што ја имаат, и многу повеќе ме интересира како човек размислува, отколку колку години има. Тоа не значи дека не сум заинтригирана и љубопитна за како им изгледам на другите. Сега веќе кога влегов во 30, се фаќам како се плашам дека станувам Бенџамин Батон-лик. Како кога гуглаш детски ѕвезди и ги гледаш дека изгледаат исто како возрасни, само чудно и со влакна на лицето. Дали и миленијалците се како децата-актери? Заглавени, замрзнати во времето засекогаш?

Една од најстрашните работи на постоењето е дека светот и понатаму се врти и времето поминува. Ти сакаш да протестираш, да застане, дека не си спремен, но универзумот не слуша и не му е гајле. Тоа е големата трагедија и дарот на живеењето - сите се движиме напред. И еден ден, зумерите ќе се разбудат и ќе бидат средовечни, па Алфа ќе добијат свои деца, а нивните баби и дедовци нема да носат карго панталони и џемперчиња и нема да ставаат ситни пари во книшка. Ќе носат Juicy Couture и Пост Малоун крокс и ќе праќаат емоџи со костурчиња како одговор на пораките на нивните деца.

-Дејзи Џонс, Вог

26 јуни 2023 - 19:09