Се будите ли со анксиозност?

Не сте единствени.

Да се разбудиш анксиозен не е само шок - може да настане парализирачка паника што ти го уништува остатокот од денот и те цеди од емотивната и ментална спремност што те движи до вечерта. Што може да се направи?

Прво, да провериме дали стварно имате утринска анксиозност.

  • Се будиш нервозен и те стегаат градите
  • Умот ти лута и те боли стомак уште пред да станеш од кревет
  • Срцето ти чука забрзано
  • Преголема загриженост
  • Потешкотии во дишење
  • Потење
  • Лошење
  • Тресење

Ако ви се случува комбинација од овие, може стварно да страдате од утринска анксиозност. Особено што во моментов и тоа како се наоѓаме на тоа систематско, стабилно ниво на анксиозност.

Постојат неколку теории за будење со анксиозност: кога ќе станеме, гардот ни е спуштен, што значи дека сме многу поранливи на заседа од негативни мисли. Понекогаш, анксиозноста доаѓа паралелно со состојби како астма, срцеви болести или дијабетес. Уште еден можен виновник се бензодијазепините - лекови за анксиозност како Занакс и Клонопин. Можеби ви помагаат да спиете, но дејството им поминува до утрото, па анксиозноста се враќа. Може да се бара вината и во недостаток на сон, а и во премногу кафе.

Како да се справите?

Најдете ги соодветните ресурси

Читајте, слушајте подкасти на таа тема, побарајте заедница што се мачи со истото. Може да ви помогне доколку сами дојдете до информација дека постојат и други што го трпат тоа.

Пробајте со обичен, стар аларм

Телефоните имаат аларми, што значи дека штом се разбудиме веднаш се соочуваме со полн инбокс непрочитани мејлови и депресивни Твитер нотификации. Тоа знае да биде рецепт за стрес од сабајле. Ако пак решите да ве буди дигитален часовник со аларм, си давате време да се средите пред да погледнете во телефон штом ќе станете.

Нови телефонски навики

Некои луѓе успеваат да се натераат да го остават телефонот во друга соба додека спијат, но не им успева на сите. Но, можете барем да се одвикнете од скролање веднаш штом се разбудите - најдете нешто друго за правење на телефон после првото отварање на очите. На пример, можете секој ден да направите фотографија од нешто што ви се допаднало или ве расположило, па првата активност на телефон да ви биде разгледување на тие фотографии.

Менување на утринската рутина

Ако постојано „ви е премногу“ наутро, пробајте да ја промените рутината: медитација, вежбање или слично, само 5-10 минути, пред да се фрлите на работа е доволно и многу важно.

Планирајте го денот

Корисно е да се направи список на задачи што треба да се завршат тој ден, особено ако не работите. Таа рутина може да биде многу важна.

Приберете се во моментот

Ова би значело дека ако одлутате со секирации некаде далеку, паметно ви е да се фокусирате точно на тоа што е околу вас - што гледате, слушате, мирисате и чувствувате во тој момент.

Дишете

Бавното, контролирано дишење се бори со утринската анксиозност и го рестартира рационалното.

Напишете

Ослободување од чувството на анксиозност на хартија (или во апликација за пишување на телефон) ве освестува и ви го менува расположението од жртва на мислите - во набљудувач на мислите. Ефикасно е во било кој дел од денот.

Препознавање колку имаш моќ да смениш

Не можеме сѐ да контролираме во животот. Разликување предизвикувачи на стрес што можете да ги промените (како напуштање на токсична врска) наспроти она над кое немате никаква моќ (лек за корона) може да помогне да се фокусирате на напор да се реши првото и да се ослободите од стрес за сѐ што не е во ваши раце.

Понекогаш треба и професионална помош

Кога анксиозноста доаѓа до точка каде што почнува да пречи на способноста за нормално функционирање, тогаш е време да се побара некој стручен. Да ти биде по малку стресно наутро е нормално, но ако тој стрес е толку голем што не ти дозволува нормално секојдневие - барај професионална помош. Нема потреба да се страда.

11 јуни 2020 - 00:00