Дали сте слушнале за Мелусина?

Мелусина е интересен лик од европскиот фолклор, главно во француски, германски и англиски традиции. Легендата вели дека Мелусина била прекрасна жена со тајна: Секоја сабота се трансформирала во суштество - половина змија-половина жена, како резултат на пактот со ѓаволот што го направила мајка ѝ.

Мелусина се омажила за смртник, Рејмонд од Поату, под услов никогаш да не ѝ ја види трансформацијата. Сепак, како што налага човечката природа, љубопитноста го победува и ќе ја ѕирне за време на преобразбата. Мелусина станува очајна што ѝ се знае тајната и бега, зад себе оставајќи лоза која засекогаш ќе биде означена од нејзиното наследство.

И покрај предавството, приказната на Мелусина е приказна за истрајност и магија. И во словенската митологија и бајки ги среќаваме елементите - на самовилата ѝ го крадат фустанот и бега, или на девојката што се претвора во жаба и ја одземаат оставената жабја кожа, па и таа бега. Главниот виновник за бегањето е потоа осуден да ја бара и да оди на патување полно искушенија за да ја врати назад.

За Мелусина се вели дека основала благороднички домови и утврдени градови со нејзината моќ, за добросостојбата на нејзините потомци, но клетвата била секогаш присутна, долго после неа, како потсетник на нејзината двојна природа и последиците од прекршените ветувања.

Мелусина е денес симбол на скриени длабочини, женска моќ и комплексноста на меѓучовечките односи во фолклорот.

16 април 2024 - 00:00