Запознавање на општеството

Дали е Ким Кардашијан глупача?

Интелектуалците и псевдоинтелектуалците ширум светот ќе ви кажат да. Што направила? Дали има некој значаен придонес за културата? За науката и уметноста? Дали се произнела за важни општествени прашања? Не. Дали влијае на однесувањето на светот како што го знаеме денес? Да.

Самобендисаноста и малкуте таленти на Ким Кардашијан не бараат ниту многу дискусија, ниту се предмет на дебата. А сепак, ако изброиме колку статии на интернет се за нејзе, а колку за еден Ноам Чомски на пример, можеме слободно да се фрлиме во кататонична депресија.

Малку луѓе признаваат дека им е идол, а многу отворено ја презираат. Дел од првите нема ни да те разберат до крај што сакаш да кажеш, а вторите и тешко можеш да ги убедиш кога ќе кажеш дека Ким Кардашијан и тоа како знае што прави.

Учела во исто школо со Парис Хилтон, која беше ултра популарна пред околу 10-15 години. Прашање на време беше кога папараците ќе забележат дека има поинтересни облини и дека е поубава од Парис, па полека почнаа објективите да ги вртат кон неа.

Во 2009-та, Ким Кардашијан го основа ShoeDazzle, претплатнички сервис за кондури и модни додатоци, умно поставен да „искористи“ од желбата на жените да трошат и покрај огромниот пад на економијата во овој период. Бизнисот е успешен и продаден во 2013-та година за непозната сума.

Полека почнува да го користи својот бренд за рекламирање производи, и на почетокот тоа воопшто не е гламурозно. Зборуваме за тоалетна хартија, салата, патики, лижавчиња, кредитни картички и апчиња за слабеење.

Ќе ве оставам да подразмислите дека некој некогаш, така гламурозен, рекламирал тоалетна хартија, а не бил пајка, на пример.

Некаде измеѓу се појавува опасноста дека на светот ќе му се здосади од лице кое е популарно само поради тоа што е популарно. Медиумите и публиката стануваат сè погласни на тема „а што знае Ким Кардашијан да прави“, „Дали нешто работела во животот“ и „Глупа е“, а во тоа време од прилика и Ким се забавува со тогашниот дечко, Реј Џеј.

Тука е ред да се потсетиме дека Ким Кардашијан има мајка, Крис Џенер, која што е толку способен менаџер, што од животот на нејзиното и не толку блесаво семејство направи бизнис вреден десетици милиони долари. А пазете, ова семејство се разликува од обичното семејство што го следи пред телевизор само по тоа што – има многу пари.

Како се спојуваат способноста на Крис Џенер за менаџирање, врската на Ким со Реј Џеј и „не сакајќи“ протеченото секс-видео во еден чудесен сплет на настани баш кога опаѓа популарноста?

Пресудете сами.

А светот сам си е крив. После коиталната претстава, човештвото се залепи за Ким Кардашијан како мува на гомно и не престана да ја спомнува во секаков муабет. Цели статии и студии се пишуваа, што глупи, што научни (нели, забавата, културата и општеството во кое живееме и други ментални мастурбации), додека Ким откако наводно се изнаплака на судбината почна да кешира средства, договори и телевизиски простор и да пазари куќи, коли и патувања.

Имено, свадбата со кошаркарот Крис Хамфрис имаше толку многу product placement (компании и брендови што беа ангажирани, беа на ачик да ги види светот) што медиумите ја обвинија дека сè било тоа финта за да се зголеми популарноста.

Денес Ким Кардашијан има објавено книги (добро де, не е метафизика, книги со селфиња се), има парфеми со нејзиниот потпис, неколку бутици и колекција за гардероба, накит и шминка, кукли со нејзиниот лик (и на сестрите), неколку спин-оф серии покрај „Keeping Up With The Kardashians”. Сè тоа се продава како лудо.

Од Б-листа, денес Ким Кардашијан е нешто што се нарекува Hollywood royalty. И сакал светот да признае или не, го има најдено начинот да ѝ платиме што воопшто ѝ обрнуваме внимание.

Сега можеме веќе да дискутираме дали е глупача.

25 мај 2017 - 16:05