Да се биде асистентка на Анри Матис

Велат, зад секој голем маж стои жена. Во случајот на Анри Матис, таа жена не била неговата сопруга со која бил во брак 40 години, туку една шворц бегалка која едвај преживувала во 1932, кога нашла привремена работа кај сликарот. Името ѝ е Лидија Делекторскаја, и без разлика што никогаш не му била љубовница на Матис, имала толку големо влијание во домаќинството, што жена му на крај рекла „или јас, или таа“.

Мадам Лидија, како што подоцна ќе ја знаат, никогаш немала слушнато за Анри Матис кога почнала да работи како помошничка во неговото ателје. Поголемиот дел од своите 22 години го поминала во обид да преживее, бидејќи останала без родители на 12-годишна возраст и во сиромаштија израснала со нејзината тетка. Во Франција избегале за да се спасат од Руската револуција, а кога стигнале во Париз ја примиле на Сорбона да студира медицина, но не можела да си го дозволи школувањето, па завршила во тешката руска емигрантска заедница во Ница.

На Азурниот брег, нејзината руса коса и сините очи ѝ овозможиле работа како модел за уметници и како танчерка, а и како статист во филмската индустрија предводена од локалното Викторин студио. Сепак, едвај врзувала крај со крај и нонстоп била третирана ужасно од работодавачите. Матис живеел во Ница (а и Фицџералд, Едит Пјаф и Жозефин Бејкер) и ги сликал неговите модели во рококо салонот на Хотел де ла Медитеране. Имал репутација дека ги третира моделите со почит, но кога ја запознал Лидија, не барал нова муза - неговата верна жена Амели била болна. Секогаш му била поддршка, но до 1939, нејзиното здравје се влошило, и на Лидија ѝ била понудена позиција во траење од шест месеци да се грижи за ателјето, додека тој го довршува муралот Танц II. Кога завршил договорот, Матис и дал 500 франци за да застане на нозе, но откако открил дека нејзиниот љубовник ги искоцкал парите и ја оставил без ништо, повторно ја најмил како помошничка на неговата жена која била врзана за кревет. И така три години.

Дури во 1935 Лидија прв пат му позирала на Матис. „После неколку месеци, можеби и година, мрачниот и продорен поглед на Матис почна да се фокусира на мене,“ ќе каже подоцна Делекторскаја. „Со исклучок на ќерка му, повеќето модели што го инспирираа беа јужњачки, медитерански типови. Но јас бев русокоса, многу русокоса. Еден ден, седна со блок под рака и, кога не внимавав  на разговорот одеднаш ми рече, не мрдај!… И наскоро потоа побара да му позирам.“

За разлика од другите уметници што ги познавала, тој не ѝ се пуштил и како што вели, „постепено почнав да се адаптирам и да не се чувствувам оковано… На крајот, дури и се заинтересирав за неговите дела.“

Студената принцеза, како што тој мислел за неа, била многу поинаква од неговите темнокоси, темнокожи модели, но биографката на Матис, Хилари Спарлинг забележува дека бил премногу посветен на работата за да троши време и енергија да има секс со моделите.

„Ако Матис водел љубов со Лидија, тоа било на платно,“ пишува таа во својата книга Мајсторот Матис.

Според Пјер, синот на уметникот, кој бил успешен трговец со уметнички дела во Њујорк, татко му „се обновил како сликар“ со првата слика од Лидија. Сопругата на Матис, која прво великодушно ја примила Лидија, наскоро почнала да се сомнева во нивниот однос.

Во следните четири години, Лидија станува единствениот модел на Матис, но не била само убаво лице и платена помошничка. Хилари Спарлинг ја интервјуирала Лидија неколку пати и има кажано дека „можеше да води армија, имаше неверојатни капацитети. Го водеше студиото, ги организираше моделите, се справуваше со трговците, продавачите, галеријата… Сè функционираше под конец.“ Станала креативен партнер, преземајќи ја улогата што ја вршела Амели со децении.

„Мадам Матис сакаше да си одам, не од женска љубомора - не стануваше збор за прељуба - туку затоа што ја водев целата куќа,“ открива подоцна Лидија. Токму ова губење на контролата ја довело Амели до ситуација да му постави ултиматум на сопругот, заканувајќи се дека ќе стави крај на нивниот 40-годишен брак ако не ја отпушти Русинката. Матис ја избрал жена му. Избркана, Лидија пробала да се самоубие, пукајќи си во градите, мислејќи дека веќе нема цел во животот. За чудо, градната коска го одбила куршумот и таа преживеала.

Во 1939, Мадам Матис секако го напушта Анри и тој повторно ја кани Лидија, која ќе работи за него до крајот на животот, низ војна и болест. Заедно со еден од нејзините портрети, Матис пишува:

„За Лидија, која нема крила, но секако ги заслужува. Мекост и љубезност. Како знак на почит!“

Кога имал операција по дијагноза за рак во 1941, создал некои од најславните свои дела, благодарение на помошта од Лидија.

„Сакате да знаете дали сум му била жена на Матис. И не и да. Во материјалната, физичка смисла на зборот - не, но во спиритуалната смисла - дури и повеќе од да. Дваесет години му бев ‘светлина за очите’ и тој беше единственото значење на мојот живот,“ има напишано Лидија за нејзиниот однос со уметникот.

Матис умира на 84 години во 1954, ден откако ќе го направи последниот портрет на Лидија со пенкало. Лидија знаела дека нема да ја викнат на погребот, па веднаш заминала, се спакувала и ги оставила да се организираат. Живеела сама до крајот на животот, посветена на наследството на Матис и како главен специјалист за неговиот опус, помогнала да се организираат изложби и отворање на музејот во неговото родно место. Околу 90 дела Матис ѝ оставил нејзе, а таа ги донирала во музеи. Децении подоцна, напишала две книги за нејзиното искуство со неговиот живот и работа: Apparent Ease (1998) и Against Winds and Storms (1996).

Се самоубила на 84-годишна возраст. Во тестаментот напишала:

„Ве молам ставете ја кошулата на Анри Матис до мене.“

12 јануари 2022 - 20:52