6 матурантки што ги гледаме секоја година

Сезона на матури, и на сè поскапено во град затоа што како ќе направиме промет да ни држи влага до лето кога сè ќе мора нонстоп да биде на попуст. И на крај, сезона на социјални мрежи полни со „НАШАТА ГОРДОСТ.“

Сè си е тоа во ред, затоа што стварно е симпатично да родиш дете, да ги надмине сите детски работи и одеднаш да сфатите сите фамилијарно дека тоа што еднаш било колку една подлактица, сега, еве го светка во некоја хаљина или одело и ќе оди да пие до сабајле. Плус, го чекаат лавиринтите на нашиот моќен, мистичен Универзитет, плус очовечување, плус учење за животот, и конечно, бивањето свој човек.

Не ги земаме предвид тие што живеат со мајките до 40.

Туку, да се вратиме на нашата гордост. Ако немаме матури оваа година, тогаш имаме луѓе што имаат матури на Фејсбук. И ќе се изнагледаме богами од главните категории на матуранти, што тука ќе ги наредам од добро накај лошо.

  1. Закон во секој поглед

Ова дете не се сфаќа ни себеси пресериозно, а ни матурата, ама сепак му е јако и сака да се дотера. Кога бира гардероба, си го задржува стилот, додава модерно парче, кондурите му вриштат од јако, опуштено е, весело и свое. Нема да се препие, нема да се соблече босо и голо, а тоа што го носи на матура ќе може да го облече и понатаму за излегување. Матурата е фина, со блиски роднини и пријатели, со спремна супер музика на компјутер и добро озвучување или диџеј што најчесто родителите го познаваат.

  1. „Мами, најубава ќе бидеш“

Не е исклучено дека секоја матурантка го слуша ова, ама насловот овде се должи на фактот што во оваа матурантска куќа е попотресена работата, а детето решава да ја искористи шансата за фустан за црвен тепих. Се закачува за посуптилниот дел од Мет Гала и бара такво парче низ град. Може и да шие. Не мора да значи. На прославата е гужва, најверојатно кафана, најверојатно ќе заврши со народна музика.

Ова бавно преминува во:

  1. „Принцезата“

Овде веќе доаѓаме до опасната граница. Фустанот е обично долг и голем и многу малку му фали да почнат недолжните гости да превртуваат со очи. Журката што ја испраќа матурантката знае да биде и да остане до крај добра, ама па често 2-3 групи гости ја делат од исељачување. Ова дете може сериозно да се пропие и да се опушти, соблекува кондури повеќе од немање кондиција отколку од глупирање, и најчесто го гледаме по матури.

А, ова бавно преминува во:

  1. „Невестата“

Овде толку почнува да се претерува, со полнење кафани, со сите трубачи, со невидени ора, што не знам зошто се вика „свадба без невеста“ кога невеста има. Уште за некоја година да фати дечко што еднакво бомбастично го испратиле на матура и ич нема потреба да се фрлаат пари на свадба. Таму гостите толку се такмичат кој повеќе пари ќе остави што некако исто му доаѓа. „Невестата“ уште пред да тргне е пијана, нешто со фустанот не е во ред затоа што и онака е еден куп целофани, патенти и копчиња, а на матура ја носи дечко и (уште се нема одлучено за факултет, работи нешто...) затоа што, шо има да ја носи партнер, дечко си има.

Бонус – ни ваму ни таму:

„Таа со фармерките“

Оваа матурантка не можеш да ја убедиш дека се случило нешто важно. Или е премногу самоуверена, или тотално незаинтересирана. Чудо е и како воопшто дошла на сопствената матура.

Можно е да е најпаметна од сите. И е еднорог. Во Македонија има најверојатно 3. Во Бугарија нема и ги користат за плашење на полуматурантки.

Одиме со тешкото:

  1. „Сине, држи маската за заварување“

Оваа матурантка толку многу шљашти, од фустан со Сваровски, до светки на очи, на грб, на тијара, на кондури, на мајка и, на татко и, на комшиката... Честиташ, гушкаш, па одиш на хемиско.

  1. „Сине, ти се гледа врвката од тампонот“

Овде гостите немаат време да се веселат, затоа што се презафатени со собирање на сопствените вилици од земја: Матурантката е опашана со златен (или некоја друга металик боја) шал кој е таму чисто за да не ја уапси некој затоа што инаку би шетала гола. Малку е што аутфитот е стратешки поставен шал, има нешто и на врзување, нешто што виси, но се тоа минимално, како не би покрило повеќе од 12% кожа. Овде е најјако да се гледаат слики од бабите и дедовците сликани со матурантката затоа што се во некоја прединфарктна состојба, а родителите се поделени на два вида: „шо да ѝ праам“ и „НА МАЈКА ЛЕПОТИЦА!“

А вие, на какви налетавте?

21 мај 2017 - 00:02