Од академици од Бугарија доaѓаа и поинакви пораки за Гоце

На 7ми октомври 1946 година од Софија за Скопје свечено бе испратени посмртните останки на Гоце Делчев. По тој повод свечен говор одржал Тодор Павлов, член на Илинденската организација и подоцна (од 1947 до 1962) претседател на Бугарската академија на науките. Извадоци од тој говор:  

За Гоце, како стратег, треба да се забележи пред сè дека тој најдоследно и најупорно се бори како против турската феудалната економска и политичка тиранија и доминација, така и против велико-бугарскиот и сите видови и степени на врховизам, и особено против сите обиди на бугарската монархизмот да го искористи македонското национално-револуционерно движење за свои реакционерни, династични и класни цели со тоа што ќе го впрегне во колата на германската империјалистичка политика „драг нах остен“ и ќе го противстави на рускиот и другите словенски народи. Во овој поглед, заслугите на Гоце се навистина историски и ја задржуваат нивната важност до дешен ден. Гоце, без никогаш да се откаже во принцип од секаква помош од надвор, недвосмислено и не еднаш се беше изјаснил против илузиите за ослободување на Македонија преку надворешно мешање, било од соседните балкански држави, било од некои големи европски империјалистички сили. Цврсто, доследно, упорно стоеше на гледиштето дека ослободувањето на Македонија и Балканот од секое феудално или империјалистичко влијание е дело на македонскиот и на самите балкански народи. А особено за ослободувањето на Македонија, тој сметаше, длабоко убеден дека нејзиното ослободување може да дојде само преку сериозна подготовка и подигање на сенародно вооружено востание, на чија пропаганда и организација ги посвети сите свои силии, и најсетне херојски ја положи и својата прекрасна глава на 1 мај 1903 година во близина на селото Баница, Серско.

Гоце беше една навистина шармантна личност, па нашиот поет Јаворов со право го нарекува во својата биографија на Гоце: „ајдучко божество“. Имаше нешто навистина неодоливо шармантно кај тој македонски „ајдутин револуционер“ и тоа не само во неговиот морален и идеен, туку и во неговиот физички изглед. Прекрасно граден, со чудесно убави црни очи, виток, снаодлив, со неисцрпна физичка и духовна енергија, со чудесно срце, што се одзива на секое народно страдање и болка - тој беше навистина личност што ретко се среќава во историјата на народите. Не можам сега да се сетам кога и под какви околности го имам видено и дали тоа се случи во Македонија, или овде во Софија, но во моите детски спомени ми се врежал неговиот лик кој, во споредба со овој портрет што го гледаме овде, навистина не ни дава ни приближна претстава за големиот, неискажлив шарм што извираше од тој прекрасен човек, кој стана една од најубавите легенди на македонскиот народ. За него шумат приквечер таинствено со неискажлива убавина брановите на Вардар и Егеј; за него простум се вишат со волшебната синевина во македонското небо снежните врвови на Шар и Пирин; за него замолкнуваат во тага темните македонски гори.

Но токму затоа, ние веднаш ќе додадеме, ако сакаме да бидеме негови вистински и достојни почитувачи и ученици, не можеме и не смееме да премолчиме, дури и во свечените чествувања во негова слава, како што е случајот денес, некои од неговите слабости и грешки, од кои македонските поколенија се должни да ги извлечат нужните поуки, за да може доследно да се спроведе, до самиот крај, сонот на Гоце за ослободување и сестран успех и величие на македонскиот херојски и во секој поглед прекрасен народ.

Ако ​​оставиме настрана некои грешки од чисто организациска природа, осознаени покасно и од самиот Гоце, ќе се навратам тука само на две негови грешки, од кои првата е чисто тактичка.

Зборот ми е дека непосредно пред Илинденското востание, за кое Гоце и Ѓорче Петров сметаа дека не беше доволно политички и воено подготвено, тие двајцата, во целосна противречност со овој став за предвременото Илинденско востание, дадоа наредби за зачестување на атентатите и четничките акции во земјата, кага самиот Гоце го изврши со својот одред познатиот напад на мостот и тунелот кај Ангиста. Тој, се разбира, брзо ја сфати својата грешка, но веќе беше доцна: самиот тој, заедно со Ѓорче Петров со тие нивни наредби налејаа масло на огнот и го забрзаа востанието, кое беше веќе испланирано од внатрешните и надворешните врховисти.

Втората грешка, многу поважна, е тоа што Гоце, кој со целата своја револуционерна дејност и разбирање, неизмерно придонесе за формирањето и развојот на македонската национална (македонско-словенска, не бугарска и не српска) свест, сепак не најде можност да се справи со ова исклучително важно прашање и да му го даде решението што го подготви историјата уште пред ослободувањето на Бугарија, а по нејзиното ослободување го заврши врз основа на голем број географски, економски, политичко-револуционерни, културни и др. услови. Се разбира, на Гоце му беа познати, на пример, ставовите и дејноста на Теодосиј Скопски, на Партенија Зографски, на Петар П. Арсов и „лозарите“, на Ѓорче Петров, на Мисирков и др., но сепак, тој за ова исклучително важно прашање не зазеде јасен став. Тоа не можеше да не се одрази врз целата негова политичка, тактичка и организациска национално-револуционерна дејност.

Како и да е, не смееме да бидеме неправедни спрема сеќавањето на големиот македонски син, и затоа тука, сепак, сме должни да одбележиме дека Гоце напишал во едно свое писмо: „Така ли нема кој да напише барем една книга на македонски?“ Овој восклик на Гоце покажува дека ако тој беше жив, во никој случај немаше да остане рамнодушен на фактот дека денес во Македонија има маса книги, а не само поетски и публицистички, напишани токму на македонски јазик, кој веќе прилично се разви и се повеќе и повеќе се дооформува и усовршува како нов литературен македонски јазик. Лириката на Рацин, на Неделковски и особено на Венко Марковски и на цела редица други талентирани македонски поети, прекрасни списанија и многу други дела кои излегуваат со зголемено темпо, прекрасни драмски дела, изведени со огромен успех од страна на Скопскиот Народен Театар, од чие мајсторство и ние овде во главниот град на братска Бугарија, имавме неодамна прилика да се восхитуваме, не само од изведбата на артистите, туку и од кршниот и звучен македонски јазик - сето тоа е непобитен доказ дека желбата на Гоце е веќе историски факт кој со никакви извртувања и со никакви провокативни подметнувања и интриги на нашите великобугарски реакционери, кои сакаат да го вратат тркалото на историјата наназад, не може да биде ниту одречен, ниту омаловажен или потценет.

Но, како што реков погоре, и пак ќе кажам, и покрај сето ова, Гоце со самата негова револуционерна дејност и особено со немилосрдната борба против великобугарските, великосрпски и други злоупотреби за сметка на македонскиот народ и револуција, неизмерно придонесе за таквото решение на ова прашање, кое историјата веќе му го даде без можност за ревизија, и кое логично ги надополни и ги доврши самите револуционерни македонско-ослободителни погледи и дејност на Гоце.

И сето ова ни дава право да тврдиме дека Гоце е сè уште жив меѓу нас и дека бесмртениот негов дух продолжува да бдее на верна стража, будно грижејќи се за понатамошната судбина на неговата сакана земја и народ. Никаква кал, никакви клевети и провокации од нашите и други шовинисти и реакционери нема да може да ја помрачи неговата слава и да ја згасне големата љубов што ја има за својот легендарен македонски син, веќе слободениот и заитан со џиновски чекори напред народ.

Тодор Павлов, по повод заминувањето на посмртните останки на Гоце Делчев за Скопје, 1946.

* извор

28 декември 2019 - 08:45