Кајшаров беше Q пред тоа да стане шема

Како вистински пастор, магистер Тино не само што дава прецизна дијагностика на новиот извирусен свет туку нуди и ефикасна профилакса, во неколку куси и јебитачни точки. Од типот „силен образовен систем“. Е, не, ќе крие! Ќе се уверите како само епистемиолог од негов калибар може да донесе синтетизиран заклучок дека новиот светски поредок истовремено предизвикува и агресија и хроничен умор. Но, почекајте, тоа е само дел од апдејтот што го имаме за нашиот епископ, ние К(ајшаров)Анонците.

Вирусот низ светот

Војните во минатото се водеа помеѓу две или три земји заради моќ, верски мотиви и проширување на територија, но денес војните се водат од страна на корпорации и институции за воспоставување режим на целосно владеење врз човечкиот род односно за целосното право да се поседуваат човечките животи низ модерно колонизирање. За да се овозможи тоа, потребно е намалување на населението и тоа се случува:

- преку вештачки и предизвикани вируси низ "средства за лекување", воздушно запрашување, гмо семиња во почвата и загадување на водата;

- преку вештачко предизвикување на земјотреси, пожари, поплави и непогоди;

- преку современа технологија која влијае на однесувањето и размислувањето на луѓето;

- преку меѓусебни конфликти (помеѓу нации/партии во една земја или територија) предизвикани со цел да не се воспостави обединување кое е загрозувачки фактор за авторите на овој режим.

Промена на расположението, предизвикување на агресивно однесување, летаргичност, хроничен умор, проблеми со меморијата и концентрацијата се одвива како резултат на масовна манипулација и контрола преку рекламни пораки, анимирани и играни филмови, музички спотови на телевизија, радио и интернет.

Опаѓање на имунитетот, алергии, егземи, вируси, акутни болести, паразити, оневозможуваат волја за промена и превземање акција против било каков режим на управување од страна на одредени агенции, институции и влади.

Постојат агенции за психолошко манипулирање на масите и во некои држави се изнајмуваат при водење политички кампањи, при воспоставување стратегии за масовно прифаќање на

"неопходни" активности, превентивни вакцини и лекови за болести и пандемии со реална и нереална опасност. Покрај стравот и нарушените меѓучовечки односи како средства за манипулирање со крајна цел бенефит и контрола врз масите, се користат психотропни супстанци и другите горенаведени фактори.

Можни мерки за заштита:

1.Обединување преку заеднички цели и интереси од страна на лидери кои се откажале од личен материјален бенефит и просперитет.

2. Подигнување на свеста кај луѓето, поттик и негување на морални и духовни вредности.

3. Развивање на стратегии за поттик на нацијата кон продуктивност.

4. Откривање, користење и одржување на природните ресурси во земјата, но и здрава животна средина.

5. Неутрализација на факторите за манипулација и воспоставување контрола (цензура) на емитуваните програми низ медиумите.

4. Силен образовен систем.

5. Стекување на самоодржливост на државата и забавување на процесот на интегрирање со земји под овој режим.

6. Градење на конструктивен систем на верувања низ докажани принципи од Светото Писмо.

7. Обука за градење на здрав човечки карактер преку развивање почит, одговорност, соработка, сочувство и водење дијалог меѓу луѓето со цел да се гради обединување и разбирање, но пред се, да се избегнат психички растројства како меѓу населението така и кај можните лидери на нацијата.

М-р. К. Кајшаров
24. февруари 2020

**************

Како што рековме, тоа ни оддалеку не е сè. Минаа времињата кога пасторот изведуваше едноставни аналогни операции, кога го пудеше ѓаволот, кога обараше луѓе со невидливи форхенди, топеше 5г снег или пак ги враќаше Бугарите на прав пат (како што гледаме денес, еден од неговите ретки неуспешни проекти).

Денес неговите методи се далеку посифистицирани и се викаат:

- емоционална физиотерапија (кога ќе истегнеш некоја емоција или ќе ти се прелапа чувство)
- музикотерапија (ќе чуете)
- трансформативен коучинг и менторирање (питај бога што е тоа)

Пример за музикотерапевтска сеанса имаме во следното видео. Накратко, напатениот лежи со жолта кеса на глава додека, како во песната „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, над глава му стои Тино Кајшаров. И му свири на цитра.

Да!

Спојлер: хепиенд е и дечкото ќе се осеќа многу боље, како избањат.

Во истото видео, со свои уши ќе слушнете мислење од регуларен доктор по трансфузиона медицина која го потегнува следниов аргумент:

„Во лабараториски услови се докажа дека пеењето на Константин има силно конструктивно влијание на молекуларната структура на водата која беше испитувана“.

Да!

А потоа хемиски инженер и метролог за физичко-хемиски мерила, чита „д бест оф“ парчиња од житието на Тино Кајшаров.

Да!

Згранати сме колку е сè ова прејако!

********
* Заради силината на неговата реч, дело и цитра, од сега па натаму стварите за Тино нема да ги објавуваме во неговата матична рубрика „булшит детектор“, туку го апгрејдираме во рубриката „македонштина/разно“ Ферски заработено, мајсторе!
** Таен поздрав до сите КАнонци.

13 јануари 2021 - 15:38