Крем супа од брокула

Додека уште трае сезоната на топли супи кои размрзнуваат синуси, топлат грла, лечат од мамурлук и од слични неизлечиви алкохолни њузпојави, да улетаме со уште една флуоресцентно зелена кремаста лепотица. Многумина од нас негуваат аверзија кон брокулата. До некаде разбирливо, затоа што ако не е прописно подготвена, може да биде ужасна на вкус. На начинот на којшто сега ќе ја кремираме, нема промашај. Ќе го претвори тој зелен непријател во добар другар, соборец. А секој од нас бие своја битка, особено в недела.

Јас ова го пишувам в недела. Сабајле. Шо би рекол другарот Тома: „Недела е денот кога си отиде, недела е најтажниот ден“ Па си велам, дај засукај ракав и пробај усреќи се така што ќе ги усреќиш другите. Ајде други а наши, мушкајте се помеѓу двете точки и да се зготви нешто:

Денешната партија ја отвараме со драчевската папаја - кромидот. Комада еден. Може и бел може и ултравиолетов. Го сечкаме на тенки ленти и добро го пропржуваме во тенџере со загреано масло. Едно 7-10 минути, додека не искарамелизира.

Во меѓувреме на коцки со големина на зарови за барбут сецкаме еден голем или два средни компири. И 2 чешниња лук, на тенко, за од ѓаоли. Ги запржуваме и нив. 3-4 минути. Потоа додаваме замрзната брокула. 350 грама. Ја прелеваме со 1 литро врела вода во која што има растворено коцка зеленчуков бујон. Вариме на среден оган околу 15тина минути. Коцките компир ќе ни бидат индикатор за тоа ли сме готови не. Слободно додадете 5-6 коцки замрзнат спанаќ. Може и свеж ако ви се наоѓа. Спанаќот ќе го интензивира вкусот и ќе додаде на боја.

Ова е одличен начин да го искористите замрзнатиот зеленчук од локалната бавча, доколку поседувате таква. Сол ем бибер.

Вака сварените зеленчуци ги пренесуваме во блендер за смути блендираме одлично боемско смути.

Додека мешалицата врти додаваме 150 милилитри крем за готвење. Тоа е тоа.

Дечки додаток: рендаме 150 г уда кашкавал. Изренданите парчиња ги ставаме на загреана сува тава во форма на круг и печеме додека не оформат палачинка. Вртиме, фрламе буковец и сусам и си честитаме.

Кога палачинката ќе се олади, автоматски се претвора во прекрасен крцкав крекер.

Сипаме од кремастата зелена супа во длабока чинија, нанесуваме малку маслиново масло, крем за готвење и црн пипер - онака како Џексон Полок, и кршиме парче од нашиот кашкавалест крекер. Гњуриме со сета сила. На здравје.

Кирил Стоименов - крем де ла крем

16 март 2024 - 08:45