Зошто некој би гледал пренос од пишување роман?

Дали гледањето како некој создава книжевно дело ви го расипува или ви го збогатува чувството, како да сте ѕирнале зад кулисите? Дали од страна на писателите ова е егзибиционизам, или симболички чин кој сака да укаже на фактот дека денес никој и никаде не е ненабљудуван, дури и во најинтимниот момент на создавање?

Помеѓу 12-16 октомври оваа година писателот Џошуа Коен, автор на осум претходни романи, почна проект наречен PCKWCK, адаптација на првиот роман на Дикенс, The Pickwick Papers, заедно со илустраторот Леон Чанг. Пишувањето на текстот беше пренесувано во живо онлајн, секој ден од 13-18 часот, при што можевте паралелно да го следите трепкачкиот курзор (и во неизвесност да чекате што ќе напише следно), во помало прозорче да му го гледате лицето (како главно ја мести косата и нервозно се чеша по глава), а и да учествувате во коментирањето со другите набљудувачи.

Ова е само уште еден пример од долгата историја на „пишувањето како перформанс". Во 2009 британскиот поп-филозоф Алан де Ботон стави масичка среде Хитроу во Лондон и напиша книга, со логичен наслов - Мојата недела на аеродром. Многу години претходно, во 1930, во приземјето на еден вечерен француски весник била поставена стаклена кутија, за францускиот писател Жорж Сименон да може во неа во тек на три дена да напише роман. За жал весникот банкротирал и затворил токму тогаш кога бил планиран перформансот, што не го спречило Сименон, инаку автор на дури 164 романи, да го напише делото истата вечер дома (тука интервју во Пари Мач од 1955 на англиски, во кое авторот раскажува за настанот кој никогаш не се случил, но сепак влегол во колективната митологија) Кај нас пак неодамна беше одржан сличен настан, кога преведувачот на „Моби Дик" на македонски во живо демонстрираше како е да вршиш уште една таква аргатска пишувачка работа.

Дали ваквиот начин на пишување, пред упорниот поглед на другите, е автентичен, или е само глума заради привлекување внимание на тн. „креативен чин" и, особено, на себеси? Што ако на авторите им се приоди во ВЦ?

„Иако претходно размислував за целата работа, сепак сакав да ја изведам колку што е можно почесно и потранспарентно. Не правев копи/пејст од претходно напишани текстови. Секој ден пишував во живо и врз основа на коментарите на учесниците од претходниот ден", изјавил Коен.

А тие знаеле да бидат зајадливи, неписмени, при што имало и антисемитска реторика и вицови околу тоа дали тој би извел стриптиз доколку читателите би го побарале тоа од него (да е во прашање женско работата веројатно би била и полоша). Ретко кој го коментирал напишаното, а уште помалку се обидел да го спореди со оригиналот на Дикенс.

И ако „проектот" на Коен има некоја смисла таа, како што забележува и New Republic, се однесува на доцно-капиталистичката позиција на писателот кој треба да задоволи неверојатна жед за содржина, и тоа што повеќе и што побрзо, при што квалитетот е во втор план. Тој, како што се виде и во преносот, со тоа што доброволно се согласува да учествува во ваквиот процес, станува само поуморен и пофрустриран. Несподелената здодевност и осама на пишувањето сепак се подобра опција. Тоа што те гледаат, ти коментираат и генерално те реметат домашните не се смета.

21 октомври 2015 - 08:56