Зошто храната од туѓа чинија е повкусна?

Не знаеме за вас, ама ние секогаш сме во искушение да посегнеме барем по залак од јадењето на оној кој јаде со нас, без оглед дали е исто или различно од нашето. Ама не дека сме стрвни - науката вели дека „има нешто“ во овој порив.

Дали ви се случило да сте убедени дека јадењето на оној кој јаде со вас е повкусно од вашето, дури и да станува збор за потполно истата комбинација на, на пример, десетка со кромид и шопска салата? Ако да - има објаснување зошто тоа е така.

Во статија објавена во списанието Psychological Science истражувачите од Јеил извршиле експеримент со 23 студенти на кои им дале прилично пријатна научна задача. Од нив било побарано да изедат чоколатце во присуство и во отсуство на истражувачот, кој глумел колега-студент. Целта била да се одреди дали субјективното уживање во чоколадото било повлијаено од тоа дали некој истовремено учествува во тој чин.

Во случаите кога чоколадото било (и буквално и фигуративно) споделено искуство, учесниците го оцениле истото како многу попријатно отколку кога нивниот колега не јадел со нив туку си гледал своја работа. 

Сличен експеримент бил изведен и со горчливо чоколадо. Повторно субјектите реагирале на социјалната ситуација, велејќи дека вкусот бил полош кога знаеле дека некој го јаде истото. Ова според истражувачите укажува на тоа дека споделеното искуство има ефект дури и кога храната се смета за невкусна (ама вака е понагласено невкусна). 

Ова покажува дека споделувањето храна резултира со нагласена сензација од каков и да е вид. Знаејќи дека некој друг го има истото искуство прави да се фокусираме на храната, како и на чувствата на оној кој го јаде истото. Ова е слично на слушањето иста песна или гледањето ист филм и замислувањето на тоа како оној до нас го интерпретира. Ова однесување се вика „ментализирање“, од типот „Се прашувам дали на другар ми му се допаѓа оваа сцена...“. Кога размислуваме на овој начин, за другиот, истовремено повеќе се фокусираме и на нашето чувство. 

„Сметаме дека ефектите на опишаните експерименти биле резултат на поттиците кои учесниците ги искусиле заедно со своите партнери. Споделувањето на искуството на јадење чоколадо предизвикало тоа да биде поинтензивно; наодите ја поддржуваат идејата дека таквите искуства имаат поголема психолошка вредност и влијание од оние кои се несподелени“. 

Со други зборови, не ни замерајте ако посегнеме по едно ваше помфритче мацнато во вашиот кечап - тоа е само знак на другарство. 

23 март 2023 - 20:50