Збогум на ерата на информации - сега е поважна репутацијата

Глорија Ориџи е италијански филозоф и авторка на нова книга под наслов „Репутација: што е таа и зошто е важна“. Во неа таа ја трасира промената од „информатичко доба“ во „доба на репутација“, во кое информацијата има вредност само ако претходно е филтрирана, проценета и коментирана од други.

Постои еден парадокс кого многумина не го забележуваат, иако секојдневно го живеат: колку што количеството информации е поголемо, толку сме во поголема потрага по алатки кои би ја процениле неговата релевантност и репутација. Тоа значи дека зголемениот пристап до информации и знаење кој го имаме не ни овозможува да бидеме когнитивно понезависни, туку обратно, нè прави уште позависни од судовите и проценките на информациите направени од други.

Поради ова авторката тврди дека искусуваме фундаментална промена на нашиот однос кон знаењето. Од „информатичко доба“ се движиме кон „доба на репутација“ во кое информацијата има вредност само ако претходно е филтрирана, проценета и коментирана од други. Така, репутацијата станува централен столб на колективната интелигенција. Таа е порта кон знаењето, а клучевите од таа порта се кај други луѓе, кои имаат свои светогледи и предрасуди.

Свесноста за ваквата состојба на работите е особено важно доколку сакаме да се одбраниме од лажни вести и дезинформации. Она што еден зрел граѓанин на дигиталното доба треба компетентно да го владее е не како да ја забележи потенцијалната лажност, или да ја потврди вистинитоста на одредена вест, туку да биде компетентен во реконструирањето на репутациската траекторија на информацијата, проценувајќи ги намерите на оние кои ја пуштиле во оптек, и агендите на оние кои ѝ дале кредибилитет.

Значи она што треба да го направиме пред да прифатиме или отфрлиме нова информација е да се прашаме: Од каде доаѓа таа? Дали изворот има добра репутација? Кои се авторитетите кои веруваат во неа? Кои се моите причини да мислам поинаку? Во хипер-специјализиран систем на производство на знаење нема смисла да истражуваме сè самите. Затоа се потпираме не врз содржината на информацијата, туку на социјалните релации кои ја моделирале таа содржина и и доделиле одреден заслужен или незаслужен ранг во нашиот систем на знаење.

Според филозофот Фредерик Хаек, „цивилизацијата почива врз фактот дека сите имаме корист од знаење кое самите не го поседуваме“. Еден цивилизиран дигитален свет ќе биде оној во кој луѓето ќе знаат критички да ја проценат репутацијата на изворот на информација, и ќе го збогатат своето знаење преку соодветно рангирање на секое парче информација кое влегува во нивното когнитивно поле.

19 март 2018 - 09:49