Не е смешен

Вознемирувачки документарец за скокоткање

Почнува како хумористична и благо иронична репортажа за една садо-мазо ниша, а продолжува како крими трилер, со моменти на политички коментар. Да не се гледа ако имате јак скокот.

Еден од авторите на „Скокоткан" (Tickled), Дејвид Фариер, е популарен ТВ лик и новинар од Окланд, Нов Зеланд, кој случајно налетал на видеа во кои се опишува компетитивниот спорт на „издржливост на скокоткање". Генерално во нив има еден млад и згоден дечко, цврсто врзан за столче или просто легнат на земја, кој е скокотливо малтретиран од еден или повеќе други мажи. Целата работа почнува со смеење, за наскоро да премине во благо насилство.

Така почнала потрагата по изворот на овие видеа, „Џејн О'Брајан медија", што е само еден од 300 домени во сопственост на компанија регистрирана во Германија. На првичните барања за информации од страна на Фариер таа одговорила со навреди и закани, но тој не се откажал. Заедно со Дилан Рив, вториот автор на филмот, тој патува за Лос Анѓелес, каде се снимени голем број од овие видеа, во потрага по човекот кој можеби постои а можеби и не, по Кајзер Созе-то на скокотливите видеа. Тој им плаќа добри пари на „субјектите", ги снима во хотел во ЛА, а доколку тие подоцна имаат проблем со јавно прикажување на видеата, ги уценува.

„Скокоткан" комбинира техники на снимање кои се споредуваат со оние на Мајкл Мур, скриени камери и интервјуа-начекуши, со автентична љубопитност и желба за разоткривање на потенцијална серија кривични дела, како перење пари и уцени. Така, она што почнува со кикотење, завршува со кисела насмевка. После ова на секое скокоткање ќе гледате на малку поинаков начин.

24 јуни 2016 - 08:58