Во чест на водата

Сувиот збор е сува мисла.
Сувата мисла не може да раѓа.
Светот настанал од влажен збор.

(настанокот на светот според Догоните)

во мигот на зачнувањето влажен е и воздухот и вагиналните ѕидови, температурата триесет и седум степени, умерено до значително облачно со услови за краткотраен дожд. никогаш не си земал часови пливање, но грбно ти оди добро. со секое проѕевање во матката по малку и голташ - протеини, јаглени хидрати, електролити и уреа. спокојно се нишкаш на тој воден кревет. како човечка рипка дремеш во мракот.

потоа шок - со плач протестираш кога меурот ќе прсне и мокриот остров ќе се претвори во непрегледно копно. бараш утеха во подвижните прегратки, ш'шкавите симулации, брановидните форми, кадите и легените. перничињата на прстите се набираат, твоите се лутат, сонцето пече, но ти тврдоглаво го протнуваш телото низ гумениот обрач, и се фрлаш во базенот. ја потврдуваш акватската теорија: кожата ти е мазна ко на делфин, под кожата имаш сало и си се родил обвиткан во Vernix caseosa. поблиски ти се морските цицачи отколку некаков влакнест, копнен мајмун. Талес знаел што зборува: водите се живи организми, тивки освојувачи кои го ронат брегот, и ја завземаат површината која сметаат дека е нивна. Венеција тоне, Холандија се лизга, глечерите се топат. чешмата капе. во лакримариумот на седумнаесетгодишната принцеза има солзи стари 23 века. во твојот тие се од пред два дена. El mundo es un panuelo - светот е марамче. влажна и мрсулава Палома.

како жеден Бушман бараш вода во секое дупче, под мишки, меѓу нозе, длабоко во нечие грло. ги тераш да те гушкаат, лижат и влажно да те бакнуваат. ритмичните движења го лулаат твојот чамец. откако ќе свршиш лебдиш, бура во чаша вода. спиралите ти се омилена форма, имаш вода во колено и две-три капки во очи. наспроти популарното убедување, крвта сепак е девеесет посто вода. замислуваш самоубиство, во Охридско езеро, како Вулф или Мартин Идн. гледаш додека нуркаш. постоиш дур пливаш, преташ под површината како патка. фрлаш паричка во фонтана наместо жртва, и замислуваш желба. да уживаш онака како што си уживал во плодовата вода.

не пепел од пепел и прав од прав.

од вода, и во вода.

19 јануари 2009, Водици
Илина Ј.

 

19 јануари 2013 - 11:54