„Твој потег“: што можат друштвените игри да нè научат за животот

Нова книга од Џонатан Кеј и Џоан Моријарити ја опишува историјата на друштвените игри како древни уметнички форми, кои на почетокот на дигиталната ера изгледаше дека ќе загубат на значење. Но наспроти ова, тие денес како да ја доживуваат својата нова златна ера.

Пред помалку од една година го поздравивме отварањето на играчницата САМО, каде го одбележавме Меѓународниот ден на Скребл, со тестирање на македонска верзија на оваа игра. Истовремено, бевме сведоци на растечката популарност на ова место, кое многу бргу стана претесно за сите заинтересирани (види Букбокс интервју со еден од сопствениците).

Всушност, го сведочевме истото она што го тврдат и авторите на нова книга, под наслов „Твој потег: што можат друштвените игри да нè научат за животот“ - дека околу таблите со карти, фигури и жетони се формира една цела супкултура, која не познава граници во возраст или каква и да е друга припадност. Единствена разлика е дали друштвото игра некоја посложена игра, или пак од оние „пообичните“, како Џенга или Диксит.

Во дигитално доба изгледа „логично“ дека компјутерските игри би го имале приматот пред оние кои мораат да се играат во живо, со други луѓе кои горе-доле ги познаваш, а не со машина или со соиграчи оддалечени илјадници километри. Но друштвените игри, наспроти ова, повторно си го заземаат местото во нашата современа култура, како вид забава, социјална активност и интелектуална „фискултура“.

Секој кој играл ваква игра знае колку таа (која и да е) знае да открие за карактерите на учесниците и за динамиката на групата. Но тие развиваат и емпатија (ставање во кожа на некој друг), го шират знаењето за некоја тема (особено игрите базирани на историски настани), ја развиваат креативноста и фантазијата, но и покажуваат кој има а кој нема нерви за толкување на правилата и играње на долгите партии до самиот крај.

Книгата се состои од кратки есеи и приказни кои зборуваат за сите овие теми и претставуваат кратки истражувања на психологијата и човечката заедница низ призмата на друштвените игри. Правила, натпревар, соработка, амбиција и претпазливост - уметноста на игрите го имитира животот. Но за оние навлечени на нив, често е и обратно.

Наш предлог за подарок, македонска верзија на Скребл, чии правила и дизајн произлегоа од спомнатата средба во „Само“. Нарачки тука

27 декември 2019 - 18:54