Брат, слушај ваму..

Древни совети за победување на избори

Квинтус Цицерон е првиот политички консултант - неговите совети за водење кампања, кои ги напишал за брат му Марко, до скоро им беа познати само на класичарите. Неодамна се објавени во нов превод на англиски, под наслов „Како се добиваат избори".

Во 64. година пред нашата ера, Марко Тулие Цицерон, идеалистички настроен аутсајдер и еден од најголемите оратори во Римското царство, се кандидира за конзул - највисоката функција во земјата. И покрај благородните мотиви, да се залага за разум и ред во еден корумпиран политички систем, тој бил хендикепиран заради неаристократското потекло и политичката наивност. Неговиот брат Квинтус бил малку пофакман. За да му помогне на брата си, му напишал eден вид прирачник за победување на избори кој изгледа релевантен и денес, 2,000 години подоцна.

Еве на кратко некои од принципите кои се според него одлучувачки:

Вети сè, на сите. Освен во најекстремни случаи, кандидатите треба да го кажуваат она што конкретната маса луѓе сака да го чуе. Кажете им на конзервативците дека отсекогаш сте подржувале традиционални вредности. Кажете им на либералите дека отсекогаш сте биле на нивна страна. Што ако по изборите гласачите очекуваат да постапите според најавеното? Објаснете им на сите страни дека во плановите ви се замешале елементи и околности кои не можете да ги контролирате.

Обезбеди широка поддршка. Квинтус го поттикнува брата си да ги освои симпатиите на различните интересни групи - локални организации и селско население - кои се игнорирани од другите кандидати. Тој исто така ја нагласува важноста на младите како гласачко тело, пред сè заради нивната енергија и ентузијазам, кои влијаат и врз останатите гласачи.

Не заминувај од градот. Во деновите на браќата Цицерон ова значело во текот на кампањата постојано да си јавно присутен во Рим, центарот на сета политичка активност. За модерните политичари тоа значи да се биде постојано на терен, секаде каде што би можеле да бидат клучните гласачи во моментот.

Познавај ги слабостите на твоите противници - и искористи ги. Квинутс вели дека секој кандидат треба да направи детален список и на ранливите точки и на силните страни на нивните ривали. Тоа денешните политички консултанти го нарекуваат „истражување на опозицијата". Кандидатите се обидуваат да го свртат вниманието на гласачите од сите позитивни аспекти на нивните опоненти, преку нагласување на негативните (Квинутс би ги обожавал денешните платени партиски реклами). Гласините за корумпираност се супер, сексуалните скандали уште подобри.

Дај им на луѓето надеж. Дури и најциничниот гласач сака некому да му верува. Квинтус вели дека ако на луѓето им дадете чувство дека можете да го подобрите светот, тие ќе станат ваши најверни следбеници - барем до следните избори, кога секако ќе мора да ги разочарате. Но тогаш веќе и нема да биде важно.

И кој ги доби изборите во 64. п.н.е.? Нормално, Марко Цицерон, и тоа убедливо.

7 јуни 2012 - 16:42