Смел-о-вижн: пропаднатиот обид филмовите да мирисаат

Звукот, бојата и специјалните ефекти го трансформирале искуството на гледање филмови. Но на ова поле има и иновации кои едноставно не се „фатиле“. Еден од нив предвидувал прскање соодветни ароми во текот на проекцијата - кино-салите мирисале на рози, бензин, свеж морски воздух. Но не за долго. 

Во 1950-тите во САД популарноста на телевизијата експлодирала, па филмската индустрија почнала да експериментира со технологии кои би ја вратиле публиката во кино-салите. 

Во тој контекст во 1959 се појавил Смел-о-вижн, систем кој обезбедувал олфакторно доживување на филмовите. Во текот на проекцијата биле испуштани мириси за гледачот сетилно да го доживее она што се случува во приказната. Техниката била измислена од Ханс Лоб а прв пат била применета во филмот „Мирисот на мистеријата“, во кој аромите биле интегрален дел од приказната. Тој бил продуциран од Мајк Тод помладиот, кој заедно со својот татко Мајк Тод претходно продуцирал спектакли како „Околу светот за 80 денови“. 

И покрај ваквата инвентивност и ангажирањето на ѕвезда како Елизабет Тејлор, критиката го сосекла филмот, а еден коментатор го нарекол „комплетна катастрофа“. Помеѓу мирисите употребени при проектирањето имало тутунски чад, кафе, рози, вино, бензин, свеж морски воздух, пеперминт, банани. Трошоците за одржување на системот биле високи - биле потребни 25-30 долари по седиште за инсталирање и користење на системот, кога билет за кино чинел помалку од 1 долар. 

Рекламите за филмот гласеле: „Најпрвин се движеа (1895)! Потоа зборуваа (1927)! Сега мирисаат!“. Но љубопитната публика не излегувала задоволна од проекциите. Мирисите биле испуштани со гласен шиштечки звук, а гледачите на балконите се жалеле дека тие стигнуваат до нив со неколку секунди задоцнување откако акцијата била прикажана на екранот. Во други делови од салата мирисите биле преслаби, па гледачите гласно шмркале во обид да фатат нешто од аромата. Ќерката на пронаоѓачот подоцна тврдела дека технологијата користена на овие проекции била различна од она што го предвидел татко ѝ. Продуцентите сфатиле дека можат да заштедат цело богатство ако просто ги пуштат мирисите низ системот за разладување отколку да инсталираат елегантни, мали единици пред секое седиште, како што требало според неговата визија. 

Во слава на пропаднатиот проект на Смел-о-вижн режисерот Џон Вотерс направил надградена, „одорама“ верзија на својот филм „Полиестер“ од 1981. Тој вклучил картички со гребење и мирисање, кои публиката можела да ги користи додека го гледала филмот. Тие вклучувале 10 полиња кои требало да се гребат кога нивниот број ќе се појавел во долниот десен агол на екранот. И покрај тоа што ваквиот пристап ги решавал проблемите на претходните обиди со ваквата технологија сепак ова не се проширило на други филмови. 

5 мај 2023 - 18:50