Што значи да те 86-нат во англискиот?

Ние едно време кога сакавме некого да откачиме викавме „ај двојче“. Американците користат малку поголема бројка која се појавува од време на време во песни, филмови и во политичкиот жаргон.

I've been 86-ed from your scheme
I'm in a melodramatic nocturnal scene

Ова се стихови од прекрасната „Јајца и колбаси“ на Том Вејтс, oд албумот сниман во живо Nighthawks at the Diner, чиј наслов е инспириран од истоимената слика на Едвард Хопер. И самата корица на албумот рекреира слична сцена - поглед од улица кон eвтин ресторан во кој има „студен кофеин во облак никотин“, туѓинци и инсомничари.

Но што значи „ме 86-на“ во горните стихови? Во американскиот сленг тоа е бројка за означување на производ кој веќе не е достапен (најчесто храна или пијалок), но и термин за човек или група луѓе кои не се добредојдени. Иако потеклото не е сосема јасно, Оксфордскиот речник на англиски јазик го наведува и како именка и како глагол, со примери од 1933-1981. Во филмот „Кандидат“ на пример, советникот на демократскиот кандидат на изборите за сенатот (го игра Роберт Редфорд) му вели: „За почеток треба да те ишишаме, и да ги 86-ниме бакенбардите“.

Во исто време терминот се користел од страна на слаткарите кои ги правеле оние сокчиња со сода кои едно време ги имаше кај нас (soda jerks). Тие си имале свои кодови за одредени ситуации, па 13 значело дека шефот е наоколу, 81 значело чаша вода, а 86 дека нешто од производите снемало. 95 пак значело дека муштеријата заминал без да плати.

Едно од можните толкувања за бројката е тоа што на улицата Бедфорд број 86 на Менхетен во времето на прохибицијата имало познат бар во кој полицијата често навратувала. Тогаш му велеле на сопственикот да ги „86“ своите муштерии, што значело дека тие треба да излезат низ вратата на број 86, додека полицијата влегувала од друга, паралелна улица. Второ објаснување е дека 86-та улица била последната станица на воз во Чикаго, каде морале да излезат сите пијаници и бездомници кои се возеле во него.

Терминот е подзаборавен, но повремено искрснува во популарната култура и политичкиот жаргон, како за време на претседателствувањето на Трамп, кога имаше повици за негово „86“-тување.

Кај нас пак за откачување некого се вика(ше) - „ај двојче“. Можеби поради карактеристичното движење со два прста кои го следеше ова „удирање двојка“, што со 86 би било малку покомплицирано.

А сега најважното:

Ресторанот од сликата на Хопер во време на пандемија:
 

12 ноември 2020 - 08:13