Шестмината Кинези кои го преживеале Титаник

Кога луксузниот британски патнички брод потонал во Атлантскиот океан во април 1912, илјадници луѓе се нашле во студените води. Но она што вообичаено пропуштаат да го спомнат сериите, филмовите и мејнстрим историјата за овој настан, е дека катастрофата ја преживеале шестмина млади Кинези, за кои сега е снимен нов документарец.

Од моментот кога Титаник почнал да тоне, до неговото целосно исчезнување под вода, поминале околу три часа. Во тој период на бродот и околу него се одвивале стотици човечки драми - во спасувачките чамци немало доволно места па често мажите се откажувале во име на своите сопруги и деца, во хаосот имало и многу кукавичлук но и великодушно отстапување на местата во чамците за позагрозените. 

Само еден од нив се вратил за да бара потенцијални преживеани. Во темницата спасителите пронашле млад Кинез кој се држел за дрвена врата, измрзнат но се уште жив. 

Тој човек бил Фанг Ланг, еден од шестмината кои го преживеале Титаник. Но чудесното спасување не било крај на нивните маки. Во следните 24 часа по нивното пристигнување во имиграциската станица на Елис Ајленд, Њујорк, тие биле избркани од земјата поради контроверзен важечки закон, кој забранувал влегување на Кинези во САД.

Така шестмината исчезнале од историјата - до денес. Нов документарец, кој неодамна премиерно беше прикажан во Кина, „Шестмината“, продуциран од Џејмс Камерон - режисерот на „Титаник“, фрла светлина на нивните идентитети и животи, 109 години по патешествието кое им го спасило, но и променило животот.

Ли, Фанг, Чанг, А, Чунг и Линг биле морнари кои патувале кон Карибите во потрага по работа. Нивните имиња биле на патничката листа на бродот, статиите кои го покривале потонувањето на Титаник понекогаш ги спомнувале, но некои медиуми, како на пример The Brooklyn Daily Eagle, ги нарекол „суштества“ кои ги запоседнале чамците за спасување „при првиот знак на опасност“, криејќи се под седиштата.

Но документарецот покажува дека ова не е точно. За потребите на филмот е направена реплика на чамците и е покажано дека било невозможно Кинезите да се скријат без никој да ги забележи. Други ги обвиниле дека биле облечени како жени за да добијат приоритет за спасување, за што исто така нема докази. 

Овие лажни приказни биле поврзани со стигмата која ја доживувале преживеаните мажи, во време кога генералната јавност сметала дека жените и децата требало да имаат приоритет. Но секако не помогнало тоа што тие не биле Американци и не биле белци. 

Кога биле исфрлени од САД, шестмината биле испратени на Куба. Наскоро си го нашле патот до Британија, каде имало недостаток на морнари со оглед на тоа што оние британските биле ангажирани во армијата во текот на Првата светска војна. Еден од нив починал од пневмонија поради долгиот престој во студената вода и е закопан во необележан гроб во Лондон. Останатите работеле во Британија до 1920, кога во земјата настапила поствоена рецесија и биле подгревани негативни чувства кон имигрантите. 

Неколкумина од Кинезите се ожениле со Британки и имале деца, но биле приморани да заминат од земјата, оставајќи ги најблиските зад себе. Еден од нив бил депортиран во Хонг Конг, додека друг се качил на парен брод упатен кон Калкута. Иронично е што Фанг Ланг, откако со години пловел по меѓународни води, станал граѓанин на САД, земјата која еднаш го отфрлила. 

17 ноември 2021 - 10:42