Ванила или барок?

Сексуалниот девијант во сите нас

Луѓе чиј фетиш е знаме, или такви кои сакаат да си се пипкаат во магла дур некој им д’тка - за некого само откачени, за други болни и опасни типови. Една книга се обидува да дефинира што е тоа „перверзно“ и врз што би требало да се базира нашиот морален став кон она што ни изгледа како такво. 

Мал број научно-популарни книги почнуваат со исповед на авторот дека некогаш мастурбирал на слика на неандерталец. Ама психологот Џес Беринг (редовен соработник на Scientific American и Slate, поранешен директор на Институтот за когниција и култура во Белфаст, и професор на неколку универзитети), смета дека срамот е нешто со што може да се излезе на крај доколку се сподели, особено ако се работи за сексуални „перверзии", кои всушност не се тоа што го подразбира стандардната употреба на овој збор - нешто валкано, неморално и опасно.

Сите перверзии или девијации според Беринг треба да се разгледуваат објективно, како статистички повеќе или помалку вообичаени структури на сексуалната желба, без моралната осуда со којашто им се пристапува. Јазикот тука не ни помага многу, бидејќи терминот „перверзија" е веќе первертиран, но истражувањата покажуваат дека сексуалните склоности на луѓето, од „ванила до БАРОК" (затворен цитат) се формираат уште во раното детство.

Фокусирајќи се на сопствените хомосексуални фиксации во првата третина од книгата, во втората тој веќе почнува со анализа на случаи и изнесување истражувачки резултати за голем број „парафилии", или невообичаени сексуални однесувања: од акротомофилија (кога се палиш на луѓе со ампутации), до мелисофилија (сексуална привлечност кон пчели). Една жена-објектофил опишана во книгата е „во врска со знаме по име Либи". Но во групата на парафиличари Беринг ги става дури и оние кои имаат „прекумерна страст" за други возрасни луѓе, на социјално прифатливи начини, само за да покаже дека и тоа не е баш на арно.

На сите овие парафилии тој им приоѓа со малку научност, но со многу хумор, кој според критичарите на книгата на моменти е и несоодветен, знаејќи дека голем број од опишаните луѓе всушност не бирале дали ќе имаат страст по некој необичен објект на нивната желба, туку напротив, си имаат мака со тоа. Но најконтроверзниот дел од книгата се однесува на педофилијата - само тогаш авторот признава дека најдемонизираните членови на модерното општество не ја одбрале нивната ориентација, и дека „да му кажеш на педофил дека треба да биде привлечен од возрасен а не од дете е како да ѝ кажеш на лезбејка дека нејзе ѝ треба само вистинскиот маж за да ја преобрати". Поседувањето на материјали со педофилска содржина според него не мора да значи дека сопственикот се изживува врз деца, туку дека се обидува да ја канализира таа негова, можеби неволна страст, од која и самиот се срами, преку гледање на слики и фантазирање.

„Како општество премногу долго се занимаваме со тоа што е нормално и природно. За да направиме морален исчекор, мораме да ја напуштиме реториката на 'правилност' и наместо тоа да ги насочиме нашите напори кон појаснување, користејќи ја науката а не законите ниту верските списи, а особено користејќи ги нашите најдлабоки интуции за тоа како некаков сексуален чин или е ориентација им штети на оние кои се вклучени во него. Во мојата книга перверзно е само она причинува штета", вели авторот.

Нам пак никако не ни излегува од глава „пселисмофиличкиот небулофил" - некој чии најстрасни моменти вклучуваат мастурбирање среде магла, додека слуша како некој д'тка.

Извадок од книгата тука.

20 декември 2014 - 10:22