Ти се чита од фаца

Психологијата на лажењето

Серијата „Лажи ме" (2009-2011) со Тим Рот е за фиктивниот Кал Лајтман, експерт за микроекспресии, нешто ко Шерлок Холмс ама специјализиран за разоткривање л'жги преку гестови. Неговиот лик е всушност базиран на реална личност.

Пол Екман, американски истражувач-пионер во областа на емоциите и нивната врска со говорот на телото, е еден од стоте најцитирани психолози на дваесетиот век. Во 1985 ја напишал неговата најпозната книга „Кажување лаги: знаци за откривање измами во економијата, политиката и бракот", која е резултат на неговите долгогодишни истражувања на различни изрази на лицето, кои се толку краткотрајни што може лесно да се пропуштат во секојдневните интеракции. Екман има направено атлас со дури десет илјади вакви „микроекспресии" кои ги прават луѓето низ цел свет, без оглед на културниот контекст, со што се надоврзува на ставовите на Дарвин, кој исто така сметал дека постојат чисто биолошки, универзални основи за изразување чувства.

Екман, кого уште го нарекуваат и „најдобриот човечки детектор за лаги", стана особено славен по серијата „Лажи ме", која иако почнува со дисклејмер дека не се однесува на реални ликови и настани, сепак содржи примери од неволните „тикови" и гестови на познати личности, особено на политичари, кои укажуваат на нивна емоција, без оглед дали е тоа страв, изненаденост, лажење или несигурност.

Се обидовме да најдеме такви кај нашите политичари, и се изнамачивме - или некои од нив имале јак тренинг за криење на нивните вистински чувства, или пак фотографиите не се доволни за анализа на невербалниот говор на телото. За среќа на лажговците помеѓу политичарите од цел свет, 99% од луѓето не успеваат да ги препознаат знаците на измама во нивното однесување, а тој процент веројатно е уште поголем (101%) доколку навивате за нивната приказна.

Од 15,000 луѓе колку што тестирал Екман, само 50 без претходен тренинг успевале со голема точност да ги препознаат сигналите на внатрешна вознемиреност. Тој ваквите ги нарекува „природно надарени", но и оние другите можат да ги научат финтите со малку учење. Во текот на кариерата Екман бил ангажиран од ФБИ, ЦИА, од царински служби, анти-терористи, полицајци, играчи на покер, дури и од љубоморни сопружници. Но самиот вели дека никогаш не лаже за да открие лага, ниту пак дека може (и сака) некого да научи да лаже, односно поубаво кажано, „да биде поуверлив". Иако му биле нудени големи хонорари, тој наводно не прифаќал вакви задачи.

Но дури и кога станува збор за разоткривање лаги кои можат да влијаат врз национална безбедност тој вели дека треба да се биде внимателен, бидејќи едно е да фатиш човек во лага, а друго е да сфатиш зошто тој лаже. „Понекогаш мораш да се потпреш просто на веројатност" - вели тој. Кога е во прашање веројатноста политичар да лаже, тука е потешко да се утне, и за тоа зошто, и за тоа дали нè дупчи.

23 февруари 2016 - 11:12