Од првото издание на Одисеја во 1615 на англиски, во превод на Џорџ Чепмен, приказната за грчкиот крал и неговата десетгодишна одисеја за враќање дома, на Итака, по војната во Троја, епот има доживеано над 60 англиски преводи. Повеќе од половината од нив се во последните 100 години, а десетина во последните две децении. Неодамна се појави нов препев, на британската класичарка Емили Вилсон.
Вилсон, родена 1971 во Оксфорд, потекнува од семејство со долга традиција во академскиот свет. Татко ѝ, А. Н. Вилсон бил познат биограф, романсиер и критичар. Мајка ѝ, Кетрин Данкан-Џонс е специјалист за Шекспир која предавала англиска книжевност на Оксфорд; нејзинот брат, Роман, предавал историја на Кембриџ; дедото од мајчина страна бил „разочаран филозоф“, затоа што иако студирал на Кембриџ не успеал да добие работа таму, туку во Бирмингем; а баба ѝ, Елси Данкан-Џонс била авторитет за поезијата на Ендрју Марвел.
Нејзиното наследство сепак не е само работа на книжевна склоност и сензибилитет, туку и такво кое има врска со позицијата на жените во академскиот свет. Повозрасните колешки на мајка ѝ во времето кога ја почнувала академската кариера главно немале деца, и истовремено немале разбирање за професорки кои ги имаат. Постојано имало тензии и притисоци, сè до моментот кога мајка ѝ, со револуционерен потег за тоа време, не отворила еден вид градинка во близина на колеџот.
Причината што Емили, која самата денес има три ќерки, се одлучила за класични јазици, делува банално - ѝ било срам од погрешно изговарање на често комплицираниот француски, па се фатила за латинскиот како за јазик за кој, со оглед на тоа што е „мртов“, не е важно дали имаш совршен изговор. Во текот на студирањето немала ниту една жена-професор по клучните предмети од областа, а студиите ги опишува како „машки клуб“. Нејзината дисертација се однесувала на замислувањето на смртноста во трагичката античка традиција, со примери од Еврипид и Софокле до Милтон и Шекспир, а е објавена како книга под наслов „Исмеан со смртта“ во 2004.
Преку новиот превод на „Одисеја“ Вилсон според критиката има направено мали, но често радикални промени во начинот на кој се презентирани голем број сцени. Една од најважните се наоѓа токму во првиот стих.
ἄνδρα μοι ἔννεπε, μοῦσα, πολύτροπον
Мажот, воспеј ми го Музо, ПРЕИТРИОТ (од македонскиот препев на Михаил Д. Петрушевски)
Се работи за последниот збор, „политропон“, за кој скоро сите шеесет претходници на Вилсон имале различно решение во англискиот, од „вештиот“, „познат по разни мудрости“, „непостојаниот“, до „длабокиот“ и „вртикапата“. Само мал број од нив го почитуваат грчкиот корен на зборот поли (многу), и тропос (вртење). Но дали Одисеј е „вртимушка“ по свој избор или е жртва на судбината која му доделила таква улога на непостојаност? Ваквото претставување уште во првиот стих игра голема улога во неговото доживување како лик во сите останати 12.110 стихови.
Вилсон ова го решава на многу интересен начин, оставајќи доволно простор за сомнеж дека „нешто не е во ред“ со Одисеј, но дека тој сепак поседува доволно карактеристики за да не може туку-така да се прогласи само за добар или лош. Еве го првиот стих од нејзиниот препев:
Tell me about a complicated man Muse
Раскажувај ми, Музо, за еден комплициран човек
Со ова генијално решение Вилсон реферира и кон латинскот complicare, што значи диплење - комплицираниот е таков човек кој во себе, содржи повеќе слоеви, дипли, кои се тешки за одгатнување на прв поглед. Со ова, како и со куп други решенија, таа веројатно ќе вознемири голем број колеги кои прогласуваат одреден превод за коректен само ако е во согласност со постоечките дефиниции на термините во речниците. За нив Вилсон нема подготвен одговор - зошто одлучила да постапи поинаку, и зошто тоа е исправниот начин. Но нејзиниот генерален став искажан во интервју за Њујорк Тајмс е многу интересен. „Не сум верник“, вели таа“, но кога е во прашање преводот мислам дека тоа е некој вид религиска практика. Јас се обидувам да му служам на нешто“.
Во нејзина статија по повод излегување на преводот во Тајм, Вилсон го наведува името на Ан Дасие (Anne Dacier), која ја превела Одисејата на француски, во проза, во 1716. Таа сметала дека нејзините верзии на класичната литература биле подобри од „неверните убавици“ на нејзините машки претходници. Инсистирајќи на концептот на верност таа можеби алудирала на злобните гласини за нејзиниот личен живот: била обвинета дека ја брани неверната Елена на Хомер заради тоа што и самата си го напуштила мажот. Вилсон сепак е многу помека кон машкиот херој на нејзиниот превод - Одисеј таа го прогласува за комплициран, и така го прави уште поинтересен од она што тој до сега бил. Можеби некоја македонска преведувачка на нова верзија по онаа од 1953 на Петрушевски ќе смисли и некоја подобра во македонскиот. На пример, дека Одисеј бил „терсене“?