Приказната за две времиња: кога Јапонија се сретнала со европскиот часовник

Во 16 век во Јапонија почетокот и крајот на денот секогаш се случувал на шестиот час - акемитсу (шест во зори, кога разденува) и куремутсу (шест на самрак, кога се смрачува). Ова раководење според сонцето подразбирало варијабилност на тоа „шест“ во зависност од годишното време. Иако првите механички часовници донесени од Европа им правеле впечаток како уметнички предмети, на Јапонците тие не им вршеле работа, бидејќи не ја овозможувале таа флексибилност.

Кога језуитот Луи Фроа го посетил благородникот Ода Нобунага во 1569, тој на подарок му донел часовник. Механичките часовници биле нови во Јапонија а овој бил баш убав примерок. Но феудалниот господар го одбил со зборовите: „Би сакал да го имам. Сепак, не го сакам, затоа што на друго место ќе врши повеќе работа“.

Што сакал да каже? Најпрвин, часовникот му немал логика - Нобунага бил пораснат во култура која го мерела времето на поинаков начин, на кој часовите не биле фиксни туку променливи. Денот бил поделен на ноќе и дење, а пак овие делови биле понатаму делени на шест интервали. Лете ноќните часови се намалувале а во зима обратно.

И ова не било карактеристично само за Јапонија. Нееднакви часови биле користени и низ средовековна Европа, а слични системи имало и во древен Египет, Грција и Рим. Сето ова имало логика во аграрни општества каде системот на мерење на времето бил базиран на сончевата светлина, кога можело да се работи надвор. 

Но во Јапонија во периодот Едо почетокот и крајот на денот секогаш се случувал на шестиот час - акемитсу (шест во зори) и куремутсу (шест на самрак). За Јапонците не било разбирливо како луѓето од запад ја дефинираат зората понекогаш во пет, понекогаш во шест, а и „самрак“ можело да значи различно време. За нив часовникот кој означува точен час бил само ѕвонче кое не разликува помеѓу должината на денот и ноќта туку сè за него е еднакво. Она што всушност се сметало за најдобра карактеристика на механичкиот часовник, за Јапонците било неупотребливо.

Од друга страна, изјавата на Нобунага можеби била само дипломатска - начин љубезно да се одбие подарок од језуитите кои веројатно ќе барале нешто за возврат. Тоа е време кога тие се вратиле во Кјото откако еднаш биле избркани од таму од тогашниот цар. Фроа сметал дека чудото во форма на часовник ќе му ги отвори вратите и ќе ги испегла односите со локалните аристократи.

Иако европските часовници биле бескорисни во практична смисла, сепак тие служеле како статусен симбол. Поседувањето странски часовник бил знак дека дури и луѓето од далечни земји препознаваат нечиј авторитети значење. Набргу локалните занаетчии нашле начин да ги адаптираат фиксираните механички часовници на системот на варијабилно време. Една верзија содржела мали подвижни тегчиња со кои можела да се регулира брзината на движење на сказалките. Други ги поместувале бројките кои ги означуваат часовите во кругот, местејќи ги соодветно на годишното време. 

Најкомплицираниот бил часовникот направен во 1851, наречен „Часовник на безброј години“ (цртеж горе), кој сега се чува во Токискиот национален музеј на природа и наука. Неговите шест лица не само што го покажуваат времето согласно јапонскиот и европскиот систем, туку тој следи и периоди на јапонската соларна година, деновите во неделата, датумот во кинескиот календар и фазите на месечината. Маркерите за час во јапонскиот систем се усогласуваат самите, разделувајќи се или приближувајќи се во зависност од периодот. Под стаклено ѕвоно на врвот, две мали сфери кои ги претставуваат сонцето и месечината ротираат над мапа на Јапонија. 

Само две децении по создавањето на овој часовник, традиционалниот начин на мерење на времето бил напуштен и заменет со фиксирани европски часови.  

28 септември 2022 - 09:29