Претстава според 20 песни на Дилан

„Големиот успех на лондонската поставка на Девојката од северот, мјузиклот на Конор МекФерсон базиран на песните на Дилан, е во неговата способност, како и онаа на неговиот музички супервизор Сајмон Хејл, да пронајдат нијанси на значења во песните кои веројатно би го изненадиле и самиот Дилан.“

Ова го велат критичарите, како и фановите на Дилан, кои заедно со нивниот омилен нобеловец-поет знаат да бидат снобови кога се работи за интерпретацијата на она што тој (наводно) сакал да го каже. Но овој пат претставата беше поздравена со стоечки овации. Премиерата се случи во јануари во театарот Олд Вик, но заради големиот интерес беше префрлена на репертоарот на театарот Ноел Кауард во Вест енд.

Лоцирана во Дулут, Минесота (родното место на Дилан), приказната го опишува тешкиот живот во семејство погодено од Депресијата во 1934. Дијалогот помеѓу протагонистите е изговорен, но нивните внатрешни мисли се всушност преработките на песните, кои тие самите ги пеат. Така стиховите добиваат сосема нова димензија, и оние добро познатите, но и оние кои не се во „грејтест хитс“ репертоарот и кои до сега не го добиле третманот кои го заслужувале.

Самиот режисер ја опишува претставата како „обид публиката да се воведе во душата на Дилан“. Заедно со премиерата во јануари излезе албум со музиката од претставата, како и двојно ЦД со песни насловен „Музиката која ја инспирираше Девојката од северот“. Сите песни се изведени на оригинални инструменти од триесетите на минатиот век.

Неодамна беше објавено дека претставата е номинирана за пет театарски награди Оливие, чие доделување ќе се случи на 8 април во Ројал Алберт Хол.

Трејлер за претставата:

Дилан и Кеш во заедничка изведба на Girl from The North Country, еден од најубавите дуети на сите времиња

30 март 2018 - 09:42