„Последна станица Ларима“: гратчето со 11 жители, од кој еден е убиецот

Среде пустелијата на северна Австралија, во регион наречен „Никогаш Никогаш“ (сериозно), има населба која тешко дека би можела да се нарече град. Во неа до скоро живееле 11 луѓе. Сè до исчезнувањето на локалниот шегаџија. Доволно „штоф“ за документарец кој се прикажува на Нетфликс. 

Документарецот „Последна станица Ларима“ почнува вообичаено за ваков тип „кој е убиецот?“ документарци. Малку избледени фотографии, воведни интервјуа со соговорниците, доловување на локацијата и времето за коешто станува збор.

Првото е доволно атрактивно за филмот да може да помине и само како патепис, без воопшто некој да биде убиен. Излезено како од некој стрип, Ларима е гратче во кое, како што постепено ни се открива, секој со секого е скаран и тоа за навидум банални нешта. Френ ги прави според неа најдобрите пити со месо во регионот, но сопственикот на единствената кафана решава да и' ја ископира идејата и од неа да создаде вечен непријател. Друг е доселеник-градинар за кого никој ништо не знае, но изгледа има нешто против туѓи кучиња што го прави невозможен за муабет. Најпроблематичен е Педи Моријарти, по потекло Ирец, „шано-мано“ со каубојска шапка и пивска лименка в рака, кој постојано си ја бара бељата, р'чкајќи ги сожителите и поткревајќи ја и она малку енергија за кавги и тензии која останала во нивните веќе остарени тела. 

Раскажана во пет поглавја и два дела, приказната почнува со исчезнувањето на Педи и неговиот пес, и обидот за расветлување на тоа што се случило откако тој си дошол дома. Бидејќи малиот број детали често се повторуваат, сфаќаме дека на режисерот всушност и не му е толку до тоа да ја открие вистината за потенцијалното убиство кое до денес не е докажано, колку низ „агато-кристиевска“ атмосфера да нè запознае со ликовите и воопшто со атмосферата на ова место, каде треба да испланираш цел ден за шопинг до најблиската продавница и каде место полициска станица има „атракција“ - крокодил.

Meстото било формирано во текот на Втората светска војна како станица на Северно-австралиската железница и претставувало значајна локација за достава на потреби за војската. По исчезнувањето на Моријарти од 2017, бројот на населението првично опаднал. Но филмот завршува со пар од Чешка кои ја преземаат кафаната и тука им се раѓа дете, прво во четириесет години. Можеби со оваа нова енергија старите демони ќе исчезнат.

14 ноември 2023 - 08:15