Почнува најголемиот штрајк во Холивуд во последниве 60 години - што ќе значи тоа за индустријата?

Од денес (петок, 14.7), холивудските актери и автори ќе ги здружат силите во борбата за своите права. Ова е прв пат двата синдиката да штрајкуваат истовремено од 1960-тата, кога тогашниот актер и иден претседател на САД, Роналд Реган, ги предводеше протестите.

Овој четврток, 13.7, Синдикатот на холивудските актер соопшти дека ќе започне заеднички штрајк со сценаристите, со што практично се блокира работата на џиновите на филмската и забавната индустрија, како Дизни, Нетфликс и Амазон. 

Чекорот следи по неуспешните преговори со студијата, кои се однесуваа на две главни точки: поправична поделба на профитот и заштита од влијанието на вештачката интелигенција која ја користат филмските студија и стриминг сервисите. 

Синдикатите се загрижени поради тоа што договорите за работа не се усогласени со растечката инфлација, и што вештачката интелигенција ги имитира нивните дела - филмови и ТВ серии. Од аспект на актерите тие се загрижени дека компјутерски генерирани ликови и гласови ќе бидат користени како нивна замена.

Помеѓу 160.000 членови на синдикатите се и имињата на некои од најголемите светски ѕвезди, како Том Круз, Анџелина Џоли и Џони Деп. Но тие се придружуваат на протестите од солидарност, а не затоа што тоа ќе им донесе поголеми приходи - нивните агенти склучуваат индивидуални договори со студијата кои во огромна мерка го надминуваат минимумот за кој се борат синдикатите. 

Холивудските студија веќе се назад со своите активности бидејќи штрајкот на сценаристите трае од почетокот на мај. Филмови и серии кои имат завршени сценарија, како „Господар на прстените: прстени на моќта“ ќе можат да се снимаат ова лето, иако без присуство на самите сценаристи на сетот. Но без актери, единствените продукции базирани во САД кои ќе можат да продолжат се мал број „сапуници“ кои имаат различни договори, како и одреден број реални шоу програми. Најголемите проекти кои ќе бидат стопирани на неодредено време се Гладијатор 2 и новото продолжение на Аватар.

Актерите Силијан Марфи, Мет Дејмон и Емили Блант ја напуштија премиерата на „Опенхајмер“ во Лондон четвртокот навечер, кога беше објавен штрајкот, во знак на поддршка. 

14 јули 2023 - 18:41