Имате 1 нова хејт порака

Писателите и писмата полни омраза

Суетни и елоквентни какви што обично се, познатите писатели знаеле да напишат отровни писма до нивни колеги, критикувајќи ги за сè и сешто. Кога пак нивните читатели доволно се описмениле, и тие почнале да им испраќаат пофални, но понекогаш и гневни писма на домашна адреса. Денес сè е на ачик. 

Авторот на „Љубовникот на лејди Четерли", Д. Х. Лоренс, се смета за еден од најотровните пишувачи на писма, особено на такви кои биле адресирани до колеги-писатели. Комбинирајќи максимум добар вкус за книжевност со минимум тактичност за критика, тој знаел да биде крајно непријатен во забелешките, кои често имале врска не толку со делата, туку со лични квалификации на Лоренс на нивните автори.

„Зошто ја негираш горчината на твојата природа кога пишуваш поезија? Зошто позираш? Тоа предизвикува да ги заобиколиш вистинските проблеми, и на крај да им најдеш банално решение", ѝ напишал на поетесата Ејми Лоуел во 1914. „Твоите текстови во списанието Аделфи секогаш ме вознемируваат. Нели можеш да се фокусираш барем за миг на нешто вон себеси?", му пишал на критичарот Џон Мидлтон Мари во 1924. А Адолс Хаксли ја добил следнава белешка во 1928, која се однесува на неговиот роман „Контрапункт на животот": „Додека ја читав книгата срцето ми излегуваше преку ѓоновите на чизмите...Тоа е фантазмагорична досада која предизвикува инерција, па уште инерција, за на крај да заврши со целосна атрофија на чувствата".

Сепак, од сите најлошо поминал филозофот Бертранд Расел, кому Лоренс во 1915 му напишал: 

„Ти едноставно не ја зборуваш вистината, не си искрен. Текстот што си ми го испратил е целиот лага, и го мразам. Порадо би сакал да имам работа со сурови германски војници, отколку со твоите зборови на добрина. Не ми е гајле и да си шестократен убиец, ако можеш да кажеш: Јас сум тоа. Ти си непријател на целото човештво."

Ако има некаква оправдување во ваквиот пристап на Лоренс е што нему очигледно повеќе му било гајле за уметноста и за идеите отколку за луѓето. Во живо тој не бил толкав мрчатор, ама кога ќе седнел на масата за пишување станувал ѕвер.

Но писма писателите добивале и од читатели. Со ширењето на писменоста во 18 и 19 век, јавноста почнала и да чита, и да им пишува на авторите на нивните омилени книги, а во ова помогнала и евтината пошта, барем во Британија. Еден од оние кои добивале најмногу „фан пошта" (и по некој хејт) бил Чарлс Дикенс, кој се жалел дека постојано добива сугестии како да развива нечиј лик во следната книга.

Но за разлика од Дикенс кој откако ќе ги прочитал писмата ги уништувал, Марк Твен ги собирал (и тие се излезени во книга под наслов „Почитуван Марк Твен: писма од неговите читатели"). Твен добивал писма од земјоделци, наставници, ученици, бизнисмени, свештеници, цариници, пациенти од ментални институции, измамници, и барем од еден бивш претседател. Тие од писателот барале или автограм, или помош за објавување на нивното дело, молеле за пари, но имало и такви кои го преколнувале да ја одмори јавноста што страда заради неговата мудрост. „Отараси се од твоето ѓубре и престани да пишуваш", бил еден од советите. Очигледно феноменот пишувачите на писма полни омраза да се убедени дека кај нив е ултимативната вистина не е нов, а нејзиното соопштување на некој формално пославен и побогат од нив и порано, како и денес, правел особен мерак.

Американскиот автор Вилијам Џиралди, автор на текст на оваа тема во Њу Рипаблик вели:

„Страдајќи од терминално негирање и од бесплодноста на неговиот гнев, испраќачот на писма полни омраза го бара вашето внимание, и најнељубезното нешто што можете да му го направите е да не му одговорите. Тие често се лица лишени од хумор, а таквите имаат искривена слика за она што се случува во светот. Човек може само да посака помудри, посмешни негирачи, повредни душмани".

„Што сакаат овие луѓе?“ - се прашува тој, проширувајќи го обемот на дефиниција на „хејт мејл" и на различните пораки и коментари на социјалните мрежи, кои истовремено личат и на некакви затворени „ехо комори“, но и на подземни простории за мачење. Така, некогашната „мразачка пошта" која авторите ја добивале на домашна адреса, сега станува јавна. Овидие заради омраза на сограѓаните бил избркан од Рим, Џордано Бруно бил запален на клада, но денес јавното срамотење се одвива онлајн. Луѓето се очајни да бидат слушнати, да испуштат некаков звук, барем за миг да ја надминат нелагодноста од атомизираното и отуѓено општество.

Ако има нешто добро во сето ова, заклучува авторот на текстот, е што за писателите, колку и да се тие маргинализирани и нерелевантни, хејт поштата значи дека барем некој им обрнува внимание.

16 мај 2016 - 15:58