Писатели тужат вештачка интелигенција затоа што незаконски „голтала“ нивни книги

Насловов звучи како пародија на научно-фантастичен наратив. Но за оние што го следат брзопотезниот развој во областа на вештачката интелигенција ова е сосема логичен след на настаните. Додуша, само почеток. Сега луѓето ја тужат ВИ. Следно - машините ги тужат луѓето што се обидуваат да им украдат идеи, кои некогаш биле човечки?

Мона Авад и Пол Трембле се двајца автори кои сметаат дека се оштетени затоа што нивните книги се користени за тренирање на ChatGPT. Како го знаат ова? Па затоа што четботот генерирал „многу прецизни синопсиси“ на нивните дела. 

Сега двајцата поднеле тужба против OpenAI, компанијата позади спомнатата алатка, со тврдење дека организацијата го прекршила законот за авторски права со тоа што го обучувала својот модел на дела за кои немала дозвола. 

Мона Авад е авторка на романите „Бани и 13 начини на гледање на една дебела девојка“, а Пол Трембле на „Колиба на крајот на светот“. Тие ги поднеле и своите книги и кратките содржини генерирани од чет-ботот како докази во судскиот процес кој ќе се води во федерален суд во Сан Франциско.

Ова е прв ваков случај против ЧетГПТ кој има врска со право на интелектуална сопственост на човечки автори (да, на овој термин ќе треба да се навикнеме). Тој ќе послужи за истражување на засега неодредените „граници на легалност“ внатре генеративниот простор на вештачката интелигенција. 

Романите се идеални за тренирање на големи јазички модели бидејќи тие најчесто содржат високо-квалитетни, уредени и долги облици на проза. „Тоа е златниот стандард на складирање идеи на нашиот вид“ изјавиле адвокатите на писателите. Сепак, ќе биде тешко да се докаже дека авторите биле финансиски оштетени специфично поради ЧетГПТ, затоа што генерираните содржини можеби имаат врска не само „голтањето“ на самите дела туку и на интернет дискусии и осврти за истите. 

Битно прашање за адвокатите е од каде им се целите дела на креаторите на ChatGPT, а претпоставката е дека тие се всушност преземени од „пиратски“ сајтови за книги, како Library Genesis и Z-Library.

7 јули 2023 - 09:41