Активизмот е секси

Пeсната на Памела Андерсон посветена на Асанж

За благо збунувачките стихови на некогашната чуварка на плажата во епската поема која истовремено зборува за зеленчук, мобилни и загубената уметност на сексот пишувавме претходно тука. Сега таа повторно стана актуелна, со песна посветена на - Асанж.

Го жалиме дека со години е затворен во некаква амбасада, но можеби социјалниот живот и не му е толку лош. Во најновиот блог пост на нејзиниот сајт, Памела Андерсон објави (пак) малку чудна песна, овој пат посветена на Шведска. Или за Шведска. Или за Асанж.

Насловена како „Скавлан, Шведска“, таа зборува за нејзиниот однос кон (и со?) „свиркачот“, во стил необременет со книжевни конвенции, во кои се преплетуваат политички, еколошки, феминистички и други теми. При средината на поемата од 1500 зборови, некаде помеѓу повикот за сексуална одговорност и критика за насилството кон животните на модната индустрија, се провлекуваат стихови во чест на Асанж, кого таа го нарекува „најсилната личност која ја познава“. Таа ја повикува Шведска „да мисли прогресивно“ и да му помогне на Асанж, повлекувајќи ги обвинувањата против него, кои се причина зошто тој живее во Еквадорската амбасада во Лондон од 2012.

Андерсон го посетува Асанж во амбасадата еднаш месечно од октомври 2016. Иако повторно хаотична како и претходната, она што го сфативме од оваа песна покрај безрезервната поддршка за пријателот, е дека Андерсон наскоро издава нова книга, „Сензуална револуција“.

„Таа е напишана со надеж дека светот нема да заборави да води љубов. Станавме обесчуствени, и ни фали човечка конекција, уметноста на тоа да се биде заедно. Мислам дека да се биде активист е секси, а да се бориш за нешто во светот е романтично“, изјави таа неодамна.

6 април 2017 - 09:13