Букбокс од лице место

„Обликот на времето“ - изложба во Уметничко-историскиот музеј во Виена

Што ако делата на старите мајстори од колекција која покрива неколку илјади години ги спариш со такви на модерни и современи уметници? Добиваш приказна која надминува историски епохи, трендови и стилови, и кажува нешто повеќе за човечката состојба. Онаа на секој човек, насекаде. 

„Поставувањето модерни и современи уметнички дела во институција како Уметничко-историскиот музеј не oди лесно. Голем број наши галерии не сакаат да бидат вознемирувани. Но од пристап кој се карактеризира со носталгија, и чија цел е само да го масира воспоставениот ред, нема голема полза. Новото треба да се труди да биде исто толку радикално и експериментално како и големите дела од минатото, ако сака да се постави рамо до рамо со нив и да успее да ни помогне во тоа подобро да ги разбереме“.

Вака пишува во каталогот на изложбата „Обликот на времето“ која се отвори во Уметничко-историскиот музеј во Виена на 6 март, а ќе трае до 8 јули. Оваа институција располага со огромна колекција, која покрива петмилениумска историја на уметноста - од древен Египет до европската уметност на осумнаесетиот век. Во 2012, за да продолжи онаму каде неговата збирка застанува, музејот почна со тн. модерна и современа серија, и од тогаш постојано организира изложби и на вакви дела. Ова вдахна нов живот во инаку закостената програма, не само заради некакво кокетирање со помладата публика, туку многу повеќе заради промоција на такви кураторски пристапи и образовни програми кои наместо само рутински да го изложуваат она што го имаат, на начин на кој тоа се правело со децении, да овозможат конфронтација, споредба и дијалог на дела и автори во поширок временски лак.

„Обликот на времето“ е прва групна изложба на модерна и современа уметност во Кунстхисторише. Таа претставува избор на значајни дела од 1800-тата до денес, позајмени од други музеи и збирки. Меѓу застапените автори се Мане, Сезан, Пикасо, Ротко, Лусиен Фројд, Стив Меквин и други. Но она што неа ја прави посебна не се (само) звучните имиња, туку методологијата на нивното претставување. Кураторот Џаспер Шарп на 19 модерни дела успеал да им најде партнери помеѓу старите мајстори, создавајќи незаборавно чувство на дијалог помеѓу епохи и идеи. Местото на ѕидот на старите дела се истите како и до сега, но до нив е направен простор за новите, а пред секој ваков пар има детално образложение за секое дело поединечно, но и за причините зошто е направено конкретното спарување.

Тинторето и Кери Џејмс Маршал

Таков е на пример парот на сликата „Сузана и старците“ на Тинторето (1555-6 година) и сосема ново дело од 2018 на Кери Џејмс Маршал, „Без наслов“. На првата слика со старозаветна тематика, Сузана, која е мажена, се капе сама во нејзината градина. Но од другата страна на ружините грмушки кои го оградуваат нејзиниот простор ѕиркаат мажи кои би сакале да ја имаат. Кога таа ги одбива, тие јавно ја обвинуваат за неверство. Сцената која ја прикажува Тинторето е онаа пред почетокот на настаните, кои ќе завршат погубно за злобните и похотни старци. Додека Сузана се огледува во своето огледало (While Suzanne holds the mirror - од песната на Коен) голем број други очи гледаат во неа, што предизвикува сложена мрежа на активни и пасивни погледи.

Кери Џејмс Маршал пак се занимава со фигуративно прикажување на афро-американски жени. На оваа нејзина слика една од нив се суши после капење, додека во позадина се гледа нејзиниот отворен шкаф полн предмети. Поставени зад прозорска рамка, како да сме соседи на жената која можеме да ја ѕиркаме, и ние стануваме дел од композицијата. Обете слики го истражуваат чинот на гледањето (жени), без оглед на историските позиции и толкувањето на „приватноста“ во навидум многу различни епохи - 16-тиот и 21-от век.

Рембрант и Ротко

Кога Ротко бил поканет да држи курс по современа уметност на колеџот Бруклин во раните 1950-ти, тој одлучил да почне со Рембрант. Иако очигледна провокација, одлуката се базирала на неговото убедување дека холандскиот мајстор не само што прв ја воочил разликата помеѓу сликањето историски или семејни портрети и уметнички дела, туку и прв се одважил да си тера по свое, притоа губејќи ги клиентите и мецените. Токму затоа големиот автопортрет на Рембрант од 1652 е комбиниран со Без наслов од 1959-60 на Ротко - заради тоа што обајцата биле подготвени на ризик и експеримент, без оглед на популарноста за време на животот.

Бројгел и Стив МекКвин/Тулио Ломбардо и Феликс Гозналес-Торес

Претходно наведените се само два примера за начинот на којшто се поврзуваат изложените парови дела. Некои од врските се поконцептуални и апстрактни, други многу поконкретни. Има и такви кои се дури и вознемирувачки, како комбинацијата на „Голем цветен букет“ на Бројгел постариот со Тркачка молња на Сив МекКвин во сосема затемнета просторија, при што првото - масло на платно на кое навидум нема ништо освен вазна и детално обработено цвеќе врз црна основа се комбинира со видео на кое е прикажан труп на (некогаш) тркачки коњ. Иако се работи за филм, сликата е неподвижна, со што кинематографскиот медиум функционира како сликарски. Притоа, обете дела ги спојува идејата за распадот на сето она што е живот - од цвет, преку коњ, до човек.

Сепак, најтрогателна е комбинацијата на мермерна скулптура изработена од Тулио Ломбардо во 16 век во Венеција и концептуалното дело на Феликс Гонзалес-Торес, под наслов Совршени љубовници. Првото прикажува млад пар чии глави нежно се допираат - можеби богот на виното Бахус и неговата жена смртна жена Аријадна. Тие често биле претставувани во римската погребна уметност, каде заспаната Аријадна ја претставувала човечката душа. Или можеби тука се работи за метафора на вечниот живот не во смртта, туку во љубовта? Второто дело пак се состои од два сосема обични часовника, како оние во чекални или училници, во кои истовремено се ставени батерии. Сепак, бидејќи ниту една батерија не е сосема иста со друга, нивните невоедначени животни векови значи дека едниот ќе запре пред другиот. Партнерот на Гонзалес-Торес умрел од сида во 1991, и голем број дела на овој автор можат да бидат интерпретирани како елегии за загубената љубов. Часовникот чука како срце. Мементо мори.

Ако Виена до лето ви се наоѓа на патот, топло ви ја препорачуваме оваа изложба, која во моментов тече истовремено со обележувањето на 100 годишнината од смртта на славниот виенчанец Климт со поставен кран („Скалила до Климт“) кој оди до таваницата на музејот насликан токму од него. Така вообичаено далечните и тешко забележливи женски фигури - персонификации на уметноста стануваат речиси допирливи. Тешко дека само една посета ќе биде доволна за да се апсорбира сето споменато, но затоа, за оние кои не можат да си дозволат подолг престој, тука е богатиот каталог. 

Од Кунстхисторише излеговме истовремено исполнети и тажни - што ниту еден наш музеј ниту финансиски, но уште поважно, ни човечки, не наоѓа сила да внесе ваква свежина и ново читање на постоечките колекции, туку, како што се вели во воведот, го „масира“ воспоставениот ред. А вредните дела, од кои повеќето чмаат по депоа, еднаш обликувани во времето, си бараат место во ова, новото.

Илина, Букбокс

Претходна Букбокс репортажа од Виена: „Лебдечки светови“ - изложба посветена на облаците во уметноста

7 април 2018 - 08:55