Обидот њујоршка библиотека да мириса исто како во 1906

„Сетилна историја“ - вака би можела да се опише работата на група историчари, кои сакаат да нè вратат во минатото не само преку слики и звуци, туку и преку мириси.

Во музејот и библиотеката Морган во Њујорк во тек е проект преку кој истражувачите го детектираат и конзервираат мирисот на старите книги, за да ја симулираат атмосферата во зградата во 1906. Таа година е одбрана бидејќи токму тогаш е формирана библиотеката на Џон Пирпонт Морган (познатиот банкар и основачот на компанијата J.P.Morgan).

Група студенти од факултетот за архитектура, планирање и конзервирање на Универзитетот Коламбија, во рамки на еден од предметите, имаат за задача да ја реконструираат целата мирисна палета која можела да се почувствува кога се стапнувало во тогаш новата институција. Мириси кои влегувале низ прозорците од њујоршките улици, помешани со аромата на пурите кои ги пафкал самиот Морган и онаа на старите книги, кои во оваа библиотека датираат и од петиот век.

Професорот кој го држи овој предмет веќе има работено на слични проекти, како оној од минатата година, инсталацијата „Етика на прашината“ во Вестминстер Хол во Лондон, каде тој од старата структура на зградата одвоил и конзервирал видлива и невидлива прашина и нечистотија.

Нему и на студентите во работата во библиотеката им помагаат и невронаучникот Андреас Келер, кој специјализира мириси, Карлос Бенаим, мајстор за парфеми и Суба Пател, органска хемичарка која има испратено ружа на лет на НАСА за да испита како лет во вселената влијае врз нејзиниот мирис. Една од главните алатки на овој тим е стаклено ѕвоно кое собира молекули од старите книги кога ќе се постави врз нив, со помош на таканаречена „хедспејс технологија“. Таа е толку прецизна што никој од учесниците во проектот не смее да користи посилни парфеми или сапуни.

Ова е прв и експериментален проект кој би требало да погоне во изработка на методологија применлива и во други контексти. Како ли мирисал офицерскиот дом, НУБ или кај нас дома пред години?

6 март 2017 - 08:26