Пренесено интервју

Новиот албум на Стинг инспириран од Боуви, Принс и климатските промени

На 64 години, и покрај целата таа јога а богами и младешкиот изглед, и Стинг изгледа го фатило фуфка по заминувањето на неколку негови колеги. Па за само три и пол месеци сними нов албум, прв материјал по три години молк, и прв поп-рок по една деценија.

Албумот се вика „57-ма и 9-та“ според њујоршката раскрсница што Стинг ја минувал секој ден на пат кон студиото. Во интервју за Entertainment Weekly тој зборува за инспирацијата зад песните и мотивацијата да продолжи да прави музика.

Во песната „50,000“ пеете за смртта на рок ѕвездите.

Прво замина Боуви, потоа Леми и мојот пријател Алан Рикман, па Принс. Изгледаше како да се редат еден по друг. Беше чудно, затоа што мислиш дека овие луѓе се бесмртни, а одеднаш тие се како и сите ние, умираат. Ме интригира тоа што големиот успех е како силна светлина, но силната светлина создава и мрачна сенка. Мислам дека мудроста доаѓа само ако ги контролираш обете. Почнувам да филозофирам (се смее). Можеби затоа што во моментов сум во Елсинор (Данска).

Уште една значајна тема на албумот е климатската промена, а во „Еден убав ден“ ги напаѓате скептиците.

Се молам оние скептичните во однос на глобалното затоплување да се во право (се смее). Сакам научниците да грешат. Но мислам дека се случува. Ова е мојот ироничен поглед на таа работа.

Каде барате инспирација?

Многу читам, одам во кино. Следам весници, загрижен сум за светот. Ако седиш дома, се вознемируваш, но таа вознемиреност е и некој вид мотор. Прави да мислиш: „Океј, што ќе направам во врска со ова?“ Првиот сингл, „Не можам да престанам да мислам на тебе“, кој ќе излезе на 2 септември, е во врска со гледањето во бел празен лист хартија, како да е поле под снег, под кое не знаеш што има.

Кога и да се навратите на рок музиката обожавателите го споредуваат тоа со Полис. Дали тоа ве нервира?

Бев во еден многу успешен бенд. Никогаш нема да чувствувам ништо друго освен гордост во врска со тоа.

Што ве мотивира да продолжите да создавате после толку децении?

Само забавата. Не си ни признавам дека снимам албум. Пешачам на работа секј ден, и ако сум се забавувал до крајот на денот, тогаш тоа вредело.

Албумот ќе излезе на 11 ноември, и го следи концептот на „Последниот брод“ од 2013, кога на него свиреа артисти од североисточна Англија, како Брајан Џонсон од AC/DC. Според тој албум беше направен и бродвејски мјузикл, кој и покрај личната заложба на Стинг да го спаси (за што пишувавме тука) по три месеци престана да се прикажува.

31 август 2016 - 11:00