Нов мјузикл ja раскажува вистинската приказна за пронаоѓањето на структурата на ДНК

Претставата „Двоен хеликс“ ѝ оддава признание на Розалинд Френклин, чии истражувања биле од огромна важност за откривањето на структурата на ДНК. Нејзините машки колеги, кои ја добија Нобеловата токму за истото, не ја спомнале ни постхумно. 

Медлин Мајерс е композиторка и поетеса, но пред неколку години се заинтересирала за нешто ново: како научниците ја откриле структурата на ДНК.

Истражувајќи на оваа тема, таа се запознала со приказната на хемичарката Розалин Френклин, чиј труд го поплочил патот за Џејмс Вотсон и Френсис Крик да дојдат до нивното славно откритие на двојниот хеликс во 1953. Двајцата подоцна ја поделиле Нобеловата, но на Френклин, која починала од рак на 38-годишна возраст пред прогласувањето на наградата, никогаш не ѝ го спомнале името (види претходно во Оффкафе: „Жени што треба да ги знаеме“). 

Нејзината приказна сега се раскажува преку мјузикл напишан од Мајерс, „Двоен хеликс“ чија премиера се случи минатата недела во театарот Беј стрит во Њујорк. Освен на Френклин, претставата се фокусира и на начинот на кој се доаѓа до вакви, големи научни откритија и што тоа подразбира во социјална смисла - научници кои се натпреваруваат први да дојдат до нешто револуционерно, како тие се поддржуваат, или обратно, како се обидуваат да се сопнат едни со други. Истовремено, вон ѕидовите на лабораториите, Френклин е растргната помеѓу нејзината работа и врската со колегата-научник Жак Меринг, кој во реалноста можеби бил и само нереализирана симпатија. 

Продукцискиот тим се консултирал со експерти при составувањето на крајната верзија на текстот, како и при дизајнирањето на сценографијата и ефектите за шоуто, кое во голема мерка се одвива токму во лабораториите каде навидум не се случува ништо посебно. Сè додека не се случи нешто посебно. 

12 јуни 2023 - 19:18