Необични совети за чување миленици од средниот век

Како и голем број други мудрости од мрачниот среден век, и оние кои се однесуваат на чување домашни животни главно не го преживеале тестот на времето.

„Хранете си го кучето со леб натопен во валкана вода за да остане мало“, гласел еден од необичните совети на „експертите“ за миленици во средниот век. Ако со истата вода претходно биле измиени рацете тоа значело дека и кучето не би пораснало повеќе од човечка рака.

Повеќето од советите денес би требало да одат со предупредување „не го правете ова дома“. Така и се вели во долното видео, кое вклучува 22 совети за чување животни по дома. Нив денес би ги нарекле љубимци, но во тоа време служеле главно за работа (види претходно: „Пуст да е живот кучешки: кучињата-работници од средниот век“). Мрзливи миленици можеле да си дозволат богатите и тоа главно жените кои чувале сè, од кученца доволно мали да ги собира во скут, егзотични птици, мајмуни до верверички. Особено биле популарни првите, кои според медицинарите од тоа време можеле да се користат и како „греачи“ - термофори кои ги грееле своите сопственици во кревет или биле ставани на болни места за да ги стоплат.

Интересен е и начинот на проценка на вредноста на домашните животни. Според некаков ирски средовековен документ, една мачка која истовремено и преде (односно е мила) и лови глувци можела да вреди колку 3 крави. Велшки крал од 10 век имал малку поинаков начин на проценка - мачињата вределе 1 пени додека не ги отвореле очите, 2 откако ќе ги отвореле и 4 кога ќе почнеле да ловат. Според германски средовековни закони, ако некој намерно убиел нечија мачка требало да му плати 60 мери жито.

Кучињата од друга страна се проценувале врз основа на статусот на нивниот газда. Оние воспитаните и дресираните секако постигнувале подобра цена. За да бидат такви, според еден совет, требало да им се дава парче леб по неделната миса. Кучињата, оние ловечките, не смееле да влегуваат во домот и не смееле да бидат прејадувани, не поради здравствени причини туку затоа што претерувањето се сметало за грев. И претераното галење на кучињата било некоректно, затоа што така кучињата ќе ја загубеле дарбата да трагаат по плен, а ќе се раководеле по мирисот на сопственикот. Од друга страна, не се сметало за необично и лошо ако маж кон сопственото куче се обраќал со „пријателе“ или „брате“.

Уште совети во видеото:

3 јуни 2021 - 20:11