„Не биди осамен, не биди мрзлив“: тајните на 400 години стара книга за самопомош

Почитувана од многумина, од Џон Милтон до Ник Кејв, „Анатомија на меланхолијата“ отсекогаш била енигма за бројни читатели. Сега, 400 години по нејзиното објавување, некои нејзини пораки се разоткриваат.

Доктор Ангус Гоуленд од Универзитетскиот колеџ во Лондон долги години се обидува да ги разоткрие значењата на алузиите, енигматичните референци и таинствените цитати содржани во книгата на Роберт Бартон, „Анатомија на меланхолијата“. Таа за сето тоа време е обожувана од уметници и интелектуалци, од Џорџ Елиот, Вирџинија Вулф, до Ник Кејв.

Книгата содржи 13.000 цитати и референци преку кои се анализираат причините и симптомите на меланхолијата, која во 1621 година кога е издадена претставувала општ термин, кој покривал сè што можело да тргне наопаку со нечиј ум. Истовремено, во неа се нуделе различни физички, филозофски и емоционални иљачи за надминување на ваквите состојби.

Во таа смисла текстот е некој вид ран модерен прирачник за самопомош. Тој содржи терапевтски аспект, но таков кој човек може самиот да си го примени врз себе, без посредници. Она што и до сега ги има привлекувано читателите е дека не се однесува на посебна болест, туку на каква и да е состојба на ирационалност или на силни и деструктивни чувства, за кои се пишува не само како за медицински туку и за морални и духовни состојби.

Спомнатиот Гоуленд 10 години ги дешифрирал цитатите и референците кои се содржани во книгата, за да ја открие нивната трага и значења. Сега тие ќе бидат отпечатени во ново, Пингуин класик издание на текстот, кое ќе излезе на 1 јули. Тоа ќе има 1376 страници и се очекува да се продава и да се чита исто толку (ако не и повеќе) колку и во последниве 400 години. Голем број од лековите за меланхолија, како ароматизирани купки или важноста на муабетот со пријателите, се враќаат во мода, особено по изолацијата поради пандемијата. Бартон ја сметал меланхолијата за патологија на осаменоста. Неговите последни зборови во книгата се „Не биди осамен, не биди мрзлив“.

28 јуни 2021 - 11:39