Ќутете, да не се сетат нашите

Напиши книга - излези од затвор

Измена во закон од 2013 во Романија им овозможува на осудениците да скратат 30 денови од нивната затворска казна за секое дело кое ќе го напишат и објават. Романските тајкуни и политичари затворени за корпуција сега се фатија за пенкалата.

Помеѓу оние кои веќе ја искористија оваа одредба се Адријан Настасе, поранешен премиер кој во затвор напишал три книги и си ја скратил казната за 105 дена; Георге Копос, бизнисмен и поранешен министер во Владата кој ќарил 200 денови; и Гика Попеску, поранешна фудбалска ѕвезда осуден за перење пари, кој е пред рано отпуштање од затвор, откако напишал ни помалку ни повеќе туку четири книги. Најироничен пример е сепак оној на Настасе, кој на Меѓународен саем на книгата во Букурешт во 2012, оправдано отсутен заради затворот но пред бројна публика, промовирал една од неговите книги под наслов „Вежби по слобода“.

Ваква одредба во законот имало и пред 2013, но таа се однесувала само за оние кои ќе објават стручни, академски текстови. Критериумите биле доволно строги за да се превенира евентуална злоупотреба. И новиот закон требало да биде придружен со јасни правила одредени од Министерството за правда, и одобрени од Владата. Но ова никогаш не се случило - тоа значи дека производството на она што се оценува како „безвредно чкрабање" ќе продолжи, а истото ќе послужи како основа за намалување на казните.

На затворениците не им се дозволени компјутери, а затворските библиотеки се оскудни. Ракописите мораат да бидат напишани со пенкало и на хартија. Според романските новинари, богатите затвореници главно најмуваат надворешни луѓе како „истражувачи-соработници". Овие најчесто се и вистинските автори на текстот, кој потоа скришно се внесува во затворот, а затвореникот само го препишува рачно на хартија. На издавачот потоа му се плаќа за само неколку копии, кои му се презентираат на судијата, а тој или таа (без никакво претходно искуство со оценување книжевни дела и без јасни правила како би се правело тоа во случајов) одлучува дали книгата вреди еден месец помалку затвор.

Споменатиот Корпос, кој пишувал за брачните сојузништва кај средовековните романски владетели, бил обвинет за плагијаторство. Реалини Лупса, поп пејач, пишувал за матичните клетки во стоматологијата. Никој не знае колку луѓе досега веќе го злоупотребиле системот на ваков начин. Неодамнешен извештај тврди дека се работи за 73 луѓе, но има и затвореници кои произвеле дури пет книги за неколку месеци (=пет месеци помалку).

Засега најгласен противник на ваквиот недоречен закон е романскиот анти-корупциски директорат, кој крева џева во однос на ова прашање веќе неколку месеци. Но дали ова ќе донесе промена во романската политичка и бизнис култура која е полна со корупција останува да се види. Ако е за некоја утеха, луѓето барем вежбаат краснопис и сфаќаат колку можат да бидат важни книгите.

3 ноември 2015 - 08:36