Најголемиот вакцинатор на светот за кого никогаш не сте слушнале

Обожавал кокошки, немал влакна на јазикот и комплетно ја променил историјата на здравството. Неговата приказна треба да послужи како инспирација за моменталниот глобален напор за создавање ефикасна и достапна вакцина за ковид-19.

Најбрзо развиената вакцина во досегашната историја на човештвото била онаа за заушки, за која биле потребни четири години. Но споредбата со она што се случува сега, а делува многу побрзо и поефикасно, треба да земе предвид еден значаен факт. Во моментов на вакцините работат илјадници луѓе со огромни ресурси. Наспроти ова, вакцината за заушки ја развил еден човек - Морис Хилеман.

Во текот на неговата кариера тој креирал и 40 други вакцини, вклучително и 8 од оние кои рутински се даваат на деца денес. Проценките велат дека има спасено повеќе човечки животи од кој било друг човек на планетата. Па сепак, неговото име не е току познато.

Хилман се родил во Монтана каде во 19 век се населил неговиот пра-чичко и отворил јавна куќа. Неговите родители работеле на фарма и имале седум деца пред да се роди Морис, во 1919, времето на вториот бран епидемија на шпански грип. Бргу по неговото раѓање мајка му и сестрата-близначка се разболеле и починале, а таткото на Морис го дал на чување кај тетката која со семејството живеела во комшии. Детството му било необично и трауматично обележано со смртта од заразна болест на неговите блиски. На рана возраст и самиот доживеал трауми и близок контакт со смртта - за малку бил удрен од воз, преживеал дифтерија, следел некој скитник до водопад во кој паднал а не знаел да плива...Но по некое чудо секогаш успевал да се извлече и да продолжи понатаму. Најверојатно како реакција на неговиот конзервативен и екстремно религиозен татко, почнал да ја чита „Потеклото на видовите“ на Дарвин, и тоа, како за инает, седејќи во црква.

За поле на свое истражување ја одбрал вирологијата бидејќи според него таа убаво ги спојувала „светот на живите и на мртвите“. Завршил микробиологија, а докторирал на кламидија, за која до тогаш се сметало дека е вирус. За само една година истражување тој открива дека всушност се работи за бактерија која може да се третира со антибиотици. И сето ова до неговата 25-та година.

Иако му било понудено професорско место, тој одбил. Сакал да прави нешто практично, па се придружил на фармацевската индустрија. Развил вакцина за јапонски енцефалитис, која примарно ѝ била потребна на американската армија, за војниците да не умираат од оваа болест додека се таму. А потоа научил сè што можел за грипот и сфатил дека вирусот се менува секоја година и како да се воспостави систем за „апдејтирање“ на вакцината за таа да може да се прима на годишно ниво и секогаш да биде ефикасна. Истовремено, бил првиот кој открил како вирусите преминуваат од луѓе на птици или лилјаци и обратно. Што му овозможило во 1957 да биде првиот човек кој спречи пандемија, бидејќи увидел дека една таква доаѓа од Хонг Конг. Се смета дека со тогашната вакцина спасил најмалку милион животи во САД. Тогаш го добива и претседателскиот орден за наука.

Приказната за него е раскажана во подкаст епизода на Рејдиолаб, во која се слушаат и извадоци од интервју, кое во оригинал трае седумдесетина часови, а е направено од негов колега, непосредно пред смртта на Хилеман од рак во 2005 на 85 години. По начинот на кој зборува „големиот вакцинатор“ може да се заклучи нешто за неговиот карактер - тој воопшто не звучи академски, често пцуе и е брутално искрен. Oсобено кога ги опишува неговите работни ангажмани во Мерк, компанијата каде бил вработен во 1957. Надредените сакале тој да создаде „поубава“ работна атмосфера, во која сите ќе можат да уживаат. „Тоа е куп срање“, била неговата реакција, големите визии според него не можеле да се остварат со тим-билдинзи и мотивациски говори. Имал поважна работа од пиење кафиња со колегите - сакал да ги искорени сите бактериски и вирусни инфекции кај деца. Невозможна мисија, која во голема мерка сепак ја остварил.

Една од анегдотите поврзана со вакцината за заушки има врска со моментот кога од нив се заразила неговата ќерка, на возраст од 5 години. Домашната ситуација била комплицирана, затоа што Хилеман неодамна останал вдовец, па домашната помошничка живеела заедно со него и ќерката. Кога сфатил дека болките во грлото се всушност симптом на заушки, тој зел брис од ќерката, и во еден наутро отишол во лабораторијата во Мерк. Го помешал вирусот со клетки од кокошки и го следел како расте и ги убива. Повторувајќи ја истата процедура неколку пати, тој всушност го слабеел вирусот, нешто што се нарекува „атенуација“ (намалување на ефектот или вредноста на нешто). Оваа постапка претходно не била позната, па станувало збор за апсолутен метод на проба и грешка. Од една страна вирусот со кој ќе биде заразен човекот преку вакцината не смее(л) да биде премногу силен, но од друга страна требало да биде доволно препознатлив за организмот да реагира на него и да создаде антитела.

Ова го правел две години додека не дошол до вистинскиот сооднос. И тоа денес изгледа бавно, но треба да се земе предвид дека на ковид работат стотици на научници од целиот свет, со сите ресурси кои им стојат на располагање. Овде станува збор за човек со неколкумина лабораториски асистенти и куп кокошкни јајца. Низ таа перспектива две години е супер-брзо.

Она што е по малку иронично, но било од огромна полза, е што во тој период не постоеле толку детални етички процедури. Денешните проби на вакцини подразбираат потпишување на согласност од 15 страници. Тогаш тоа било една едноставна картичка на која пишувало „дозволувам моето дете да учествува во проба за вакцини“, без детално наведување за што станува збор. Хилман ја тестирал вакцината на собири во цркви, во училишта, главно меѓу припадници на белата, средна класа. Вакцината за заушки била тестирана на повеќе од 5000 деца. И ова останало вака до раните 1870-ти, кога процедурите почнале да се менуваат. До тогаш Хилман вели дека се раководел од само два принципа - не прави штета, и прави добро. Сепак пред смртта признава дека од етички аспект она што го правел не само тој, туку сите негови колеги, на пример тестирајќи лекови на деца со интелектуална попреченост по домови, било субјективна одлука на истражувачите, со големи ризици по испитуваните.

Како и да е, вакцината е успешно создадена, и изолираниот вирус го добил името на ќерката на Хилман, Џерил Лин. На списокот на вакцини кои тој ги развил има уште 40-тина меѓу кои рубела, хепатитис А и Б, пнеумококус, мали сипаници. И покрај огромната важност на неговата работа, никогаш не се истакнувал. И денес најголемиот број педијатри, истите оние кои секојдневно ги даваат вакцините кои тој ги измислил, никогаш немаат слушнато за него.

Целата епизода тука

11 декември 2020 - 08:36