Најдобри научно-популарни книги за 2023

Од приказни за океанските длабочини до ѕвездите на небото, ова се научно издржани но сепак читливи книги на куп теми за кои најмногу се зборуваше/пишуваше годинава што изминува.

Изборот на најдобрите научно-популарни книги го пренесуваме од списанието Смитсонијан. Неговите уредници одбрале книги со широк опсег, од приказна за група посветена на рехабилитирање повредени желки, до неверојатни мемоар на доктор за предизвиците на живот со татко му кој страда од Алцхајмер. 

„Огнена клима: вистинска приказна од пожежок свет“ од Џон Валијант

Во година со рекорден број шумски пожари низ Северна Америка кои предизвикаа облаци од чад и над Њујорк, најстрашната книга оваа година на тема климатски промени според уредниците на Смитсонијан е токму за шумски пожар. Во „Огнена клима“ авторот Џон Валијант создава трилер за катаклизмичниот пекол кој го збришал градот Форт МекМареј во Алберта, во мај 2016. Пожарот генерирал ветришта со сила на ураган, силни молскавици и вид пирокумулусни облаци кои вообичаено се поврзуваат со вулкани. Околу 100.000 луѓе биле евакуирани во тек на нешто што ќе стане финансиски најтешката катастрофа во канадската историја. 

Една од причините за нејзините размери е битуменскиот песок кој е карактеристичен за областа за која станува збор, а кој реагира како да е буре нафта кога ќе се запали. Ова не е метафора, туку битуменот е реално супстанца која се произведува преку дестилација на сурова нафта. Наоѓалиштата на битумен во Канада се дел од најголемите познати резерви на нафта во светот, а Форт МекМареј има развиено бизнис за негово откривање, преработка и транспорт. Фосилното гориво кое доаѓа од тука, кога ќе се запали, емитува гасови кои предизвикуваат климатски промени, но истовремено тоа е идеална подлога за брзо ширење на пожарите. Авторот гради приказна која ги спојува индустријата на обработка на ваков песок, влијанието врз климатските промени и евакуацијата на градот која претставувала повик за будење во новата реалност на дивите пожари.

„За времето и желките: спасување на светот, оклоп по оклоп“ на Сај Монтгомери

Бавно движејќи се по Земјата најмалку 220 милиони години, желките имаат преживеано повеќе од едно масовно истребување, вклучително и таква која ги истребила диносаурусите. Но во еден геолошки миг, луѓето имаат доведено повеќе од 360 познати видови до речиси целосно исчезнување. Животни кои можат да доживеат длабока старост, и повеќе од два века, сега можат да бидат згазени од автомобили, устите да им бидат разранети од jaдици или нивните живеалишта да се исушени поради градежни зафати. 

Сепак за некои од нив има надеж. Книгата се однесува на тн. Лига за спас на желките од Масачусетс, која рехабилитира стотици болни и повредени желки секоја година. Авторката Монтгомери се придружува на мала чета пролетта 2020 и со неа поминува цела година сведочејќи како нејзините членови одгледуваат јајца во инкубатори, лекуваат скршени оклопи и ги враќаат излечените во природа. Како извори таа користи и весници, романи и поезија која се однесува на желките и нивната симболика на мудрост и победа над времето. 

„Родени од ѕвездите (и што би правеле без нив)“ од Роберт Трота

Без ѕвездите, историјата на нашиот вид би била многу различна. Тоа е централниот аргумент на омажот на ѕвезденото небо на Трота. Ѕвездите не се само убави - преку нашиот обид да го сфатиме нивното движење сме ја развиле навигацијата и прецизното мерење на времето. Во древен Египет, на пример, сјајната ѕвезда Сириус била обожавана како божество, а почетокот на новата година бил најавуван кога таа прв пат можела да се види на небото пред мугри. Полинезијците патувале од остров до остров во Пацификот со тоа што ги помнеле позициите и движењата на околу 200 ѕвезди, а ги познавале и океанските плими и осеки, рибите, птиците и алгите. Денес, најпознатите часовници се атомските, кои ги бројат вибрациите на атомите цезиум, но дури и тие треба да се нагодуваат согласно ѕвездите и сонцето, бидејќи движењето на Земјата постепено забавува. 

Сепак, ѕвезденото небо не е веќе видливо како некогаш. Авторот покажува колку губиме со светлосното загадување, од градовите и индустријализацијата, а сега и преку таканаречените констелациски сателити како оние лансирани од СпејсИкс. 

„Елемент на ѓаволот: фосфорот и светот вон рамнотежа“ од Ден Еган

Фосфорот, број 15 во периодниот систем на елементи, е парадоксален. Во „Елементот на ѓаволот“ новинарот Ден Еган објаснува како тој е суштински за сиот живот на планетата - може да се најде во секоја клетка на човечкото тело, но истовремено е лесно запаллив и експлозивен. Таканаречениот бел фосфор е оној кој спонтано се пали кога е изложен на кислород и може да предизвика високи температури. Тој е оној кој бил клучна состојка на бомбите фрлени од сојузниците во Хамбург, во текот на Втората светска војна, што предизвикало пожар кој убил повеќе од 37.000 луѓе.

Прв пат изолиран од германските алхемичари во 17 век, фосфорот денес е значајна состојка на вештачките ѓубрива. Без него милиони луѓе би останале гладни. Резервите на фосфор во САД би можеле да исчезнат за неколу децении, криза за која поретко се зборува но која е извесна исто колку и оние кои се однесуваат на водата и нафтата. Во меѓувреме фосфорот знае да ги загади езерата и реките, доведува до отровни цветања на алгите и претвора големи површини вода во опасни мочуришта. Со мешавина на наука историја и геополитика, Еган ја осветлува нашата комплексна врска со овој енигматичен елемент. 

„Мозокот на татко ми: живот во сенка на Алцхамер“ од Сандип Џаухар

Алцхајмеровата болест главно ја поврзуваме со бришењето на меморијата, но таа предизвикува и големи промени во однесувањето, што вклучува вознемиреност и тврдоглавост. Луѓето кои живеат со ваквата состојба стануваат непрепознатливи за своите блиски, а бавната и иреверзибилна болест е нешто што плаши дури и повеќе од смртта. Откако таткото на авторот почнува да покажува знаци на деменција, неговите родители се селат за да бидат поблиску до синовите. Но ваквата близина не помага многу - Џаухар не се снебива да ги раскаже грдите и тешки искуства со ирационалните однесувања на татко му, кои доведуваат до караници помеѓу членовите на семејството и генерална фрустрација. Проблемите не се само емотивни туку и логистички и финансиски.

Милиони луѓе се грижат за член од семејството со Алцхајмер, но предноста на Џаухар е што тој е и доктор кој ги истражува етичките и културолошките очекувања од долгорочната грижа. 

Целата листа тука

8 декември 2023 - 16:09