изборите и здравиот разум

Непристојна понуда

Каква е таа желба за изборна победа која може толку да ти го помати паметот па да побараш од жена ти да ти помогне околу кампањата? А патем да заборавиш дека ти e бивша жена и дека јавно си ја оставил за друга.

Политиката не бира средства, но, во случајот на поранешниот гувернер на Јужна Каролина, Марк Сенфорд, средствата му биле прилично недостапни.

Мртов ладен, тој побарал од поранешната жена да му ја води кампањата за влегување во Конгресот, исто како што му ја водела и претходната успешна кампања.

"Можеме повторно да бидеме тим," ѝ рекол црепот на екс сопругата Џени Сенфорд која му била главен човек на изборите во 1994-та. Во меѓувреме, на национална телевизија беше принуден да признае дека ја мамел, а потоа ја напушти за една Аргентинка при што целиот тој развод беше прилично јавен.

По разводот речиси воопшто не проговориле меѓу себе, сè додека лакомиот политичар не се одважил да ја плесне оваа деловна понуда. Дури ѝ рекол дека овојпат ќе може и да ја плати.

Веројатно за да се поштедат од правни компликации доколку автентично и во целост ја пренесат реакцијата на Џени на ваквата непристојна понуда, американските медиуми информираат дека таа му рекла: Не.

5 март 2013 - 09:39