Mузеј почна да собира пандемиски соништа

Една од последиците на психолошки тешкиот период кој го живееме е тоа што нашите соништа станаа поживописни и повознемирувачки. Сега еден лондонски музеј повикува волонтери да му ги раскажат.

Нашите се во врска со лавиринти, некогаш посетени земји и места, потсетување на подзаборавени непријатни настани. Многумина во текот на пандемијата не само што сонуваат, туку и повеќе ги памтат своите бизарни и понекогаш вознемирувачки соништа.

Проектот „Чувари на сонот“ (Guardians of Sleep) на Музејот на Лондон, во соработка со Музејот на соништа на Западниот универзитет во Канада, ги повикува Лондончани да испраќаат соништа кои ги искусиле за време на пандемијата. На овој начин тие ќе се сочуваат за идните генерации, кои преку соништата на своите предци ќе можат да имаат увид во колективното потсвесно.

Форини Аравани, дигитален куратор во Музејот на Лондон, вели дека овој проект е дел од музејските напори да ја раскаже приказната за начинот на кој градот минува низ овој период.

„Спиењето и нашите спијачки навики беа едно од првите нешта кои се променија, речиси истовремено со првите карантини. Сакав да го регистрирам ова искуство, кое покажува дека пандемијата не само што влијае врз нашите свесни животи, туку и врз нашето потсвесно“, изјавила таа.

Пријавувањето е до 15 јануари 2021, а интервјуата ќе се одвиваат во февруари преку видео или аудио платформи.

Музеите и претходно собирале соништа, но не како искуства од прва рака, туку повеќе како визуелизации и описи. Со оваа постапка личните соништа прв пат стануваат музејски артефакти, без толкување или анализа, туку само во форма на сведоштва.

Види претходно: Дали и вие имате необични соништа деновиве?

27 ноември 2020 - 08:05