Мајмунот кој работел за железницата и никогаш не згрешил

Бабунот Џек бил повеќе од милениче. На својот господар - скретничар на железница, кој останал без двете нозе, цели девет години му бил личен асистент. Ја познавал сета сигнализација и самиот, без ниту една грешка, ги поместувал лостовите насочувајќи ги возовите. Вештина и работна етика на која можат да му позавидат голем број човечки примероци.

Еден ден во 1880-тите скретничарот со две дрвени нозе Џејмс Едвин Вајд шетал низ живописен јужноафрикански пазар кога забележал нешто необично: бабун како управува со кола со волови. Импресиониран од неговата вештина, Вајд го купил, му дал име Џек и го чувал како љубимец и личен асистент.

А на Вајд навистина му била потребна помош. Неколку години претходно тој ги загубил обете нозе во несреќа на работа, што направило пешачењето до железничката станица Јутенхог (денешна Кариега) во источниот дел на Јужна Африка да му стане екстремно тешко. Така, прво нешто што направил било да го истренира мајмунот да го турка до и од работа во мало „вагонче“. Наскоро, Џек помагал и во домашните работи, миејќи подови и фрлајќи го ѓубрето.

Но најомилена задача му била сигнализацијата. Кога возовите се приближувале до крстосница близу железничката станица, машиновозачите со активирање на свирката одреден број пати го информирале скретничарот кои пруги да ги промени. Гледајќи го својот сопственик, Џек ја сфатил шемата и почнал самиот да ги поместува лостовите. 

Наскоро Вајд можел да седи раат додека неговиот влакнест помошник ја вршел целата работа. Ова го забележале и весниците од тоа време според кои Вајд „го имал обучено бабунот до совршенство, па можел да си седи во кабината препарирајќи птици и одмарајќи се додека животното, врзанонадвор со синџир, ги поместувало сите потребни полуги“. 

Како што вели приказната, еден ден некој богат патник забележал дека со возот управува бабун а не човек, и се пожалил на властите. Наместо да го отпуштат Вајд, раководителите одлучиле да го решат случајот со тоа што ќе ги испитаат способностите на мајмунот. Останале со отворени усти.

„Џек ги познава сигналните свирки исто колку и јас, како и секоја од полугите“, напишал раководителот на железницата. „Беше многу трогателно да се забележи неговата приврзаност кон господарот. Кога се приближив и двајцата седеа во количката. Бабунот беше виснат со едната рака околу вратот на Вајд, а со другата му го галеше лицето“. 

Наместо да биде исфрлен, Џек добил официјален службен број и бил плаќан 20 цени на ден, како и со половина шише пиво неделно. Починал во 1890 откако фатил туберкулоза. Работел 9 години за железницата без да направи ниту една грешка - пример за голем број негови човечки колеги.

извор

24 април 2023 - 18:06