Луѓе кои на нејќење биле прогласени за богови

Нова книга е опишана како провокативна историја на случаи кога луѓе (главно мажи), поради склоп на околности, биле издигнати на божествен пиедестал. Преку нивните приказни таа индиректно ја истражува потребата некои помеѓу нас да се над-луѓе.

„Случајни богови: луѓето кои несакајќи биле прогласени за богови“ на Ана Дела Субин почнува со приказната на Кристофер Колумбо, кој пристигнувајќи во Новиот свет во 1492 станал „случајно“ божество. Од тогаш наваму примерите само се трупаат. Еден од најинтересните е оној со британскиот принц Филип, кој станал центар на нова религија на еден јужнопацифички остров. Во 1974 година, човек по име Џак Наива, домороден поглавар на племето Вануату, го видел како стои крај пристаништето облечен во бела униформа. „Знаев дека тој е вистинскиот месија“, изјавил тој. Принцот пак, несвесен за овие атрибути, едноставно бил на одмор на кралската јахта Британија, која била закотвена во близина. Како и капетан Кук кој пристигнал на овие територии пред него, и тој бил прогласен за божество на Земјата. 

И не дека не му било мило. Во 1978 во истото село била испратена делегација чија единствена задача била да достави потпишан портрет од принцот. За возврат пак селаните му испратиле традиционално копје за убивање свињи. Бакингемската палата организирала дури и фото сесија: Филип како стои во градината, со оружјето в рака, со темна облека врз неговото атлетски градено тело. Фотографијата во Вануату била пречекана како дополнителен доказ на неговата божествена природа. Како што островите се приближувале кон независност во 1980, Французите ги обвиниле Британците дека ја злоупотребуваат приказната со Филип за да го одржат влијанието во регионот, што и не било погрешно. 

Принцот е одличен претставник на првата и најчеста категорија „модерни божества“: Европејци на кои им се припишуваат натприродни моќи од домородните народи, истите оние кои „божествата“ ги експлоатираат и контролираат, а богами и убиваат. Овој список е прилично долг и срамен, а го вклучува, на пример, и Хернан Кортез кој оставил крвава трага низ цело ацтечко Мексико. Императорот Моктезума, верувајќи дека Кортез е инкарнација на крилестата змија-бог Кетзалкоатл, му ги предал сите територии и сиот имот на новодојдениот божествен владетел. Приказни како овие станале втемелувачки митови на колонизацијата на Америките, но и на голем број други територии. 

Иако колонијалните владетели наводно биле „згрозени“ од ова обожување, тие го користеле секогаш кога им било неопходно, меѓу другото за да го докажат примитивното мислење и расната инфериорност на своите „субјекти“. 

Додуша, имало и локални водачи кои биле издигнувани на божествено скалило. Меѓу нив бил Махатма Ганди кој постојано изјавувал дека не сака да има ништо со некакви тврдења за натчовечки моќи, но тоа не ги спречувало неговите следбеници да го сметаат за најнова инкарнација на Вишну. Тие тврделе дека молитвите упатени кон Ганди можат да донесат богатство, да вратат нешта кои биле загубени или да предизвикаат болка кај душманите. Еден весник тврдел дека девојче успеало магично да претвори eдно зрно жито во четири, со тоа што го повторувала неговото име. Тука божественоста на лидерот оди во обратна насока - го јакне антиколонијалното чувство. 

Една од последиците на модерните демократии е дека „народот“ веќе не е толку егзалтиран од своите водачи, па приказните за божественоста на „обичните“ се проретчуваат. Можеби доаѓа времето кога нешто или некој (кој не е човек) ќе стане повреден за колективно обожување. 

10 декември 2021 - 19:35