Љубовната приказна на Франц и Бајазид

Баронот Франц Нопча фон Фелше-Шилвас бил унгарски авантурист, палеонтолог, албанолог. Бајазид Елмаз Дода бил албански етнограф и фотограф. Нивната крајно интересна а трагична приказна е материјал за роман, кој не е напишан. Но и на документарец кој е направен во 2016.

Комплексната сторија за животниот пат и љубовната врска помеѓу баронот Нопча и неговиот секретар Бајазид може да тргне од повеќе точки. Но да се обидеме вака: калокиботион е истребен вид желка, која постоела пред околку 70 милиони години, а фосилни остатоци од неа се пронајдени во Романија. Целосното име на единствениот документиран вид е Калокиботион бајазиди, именуван од страна на Франц Нопча, во чест на неговиот љубовник Бајазид Дода. Буквално значи „убавиот задник на Бајазид“, бидејќи според обликот го потсетувал истражувачот токму на тоа.

Нопча, роден во аристократско семејство со романско потекло, живеел на голем имот на кој неговата сестра пронашла коски од диносаурус. Ова го поттикнало да запише геологија на Универзитетот во Виена, каде се стекнал и со докторат од оваа област. Во 1906 тој во Букурешт се сретнал со тогаш 18-годишниот Бајазид Елмаз Дода, албански етнограф и фотограф, кој му станал личен секретар. Го поттикнал Нопча да се заинтересира и за Албанија, да го научи јазикот и да учествува во борбата на Албанците за ослободување од Османското ропство. Заедно со Дода, Нопча ги шетал планинските делови на северна Албанија, и најверојатно шпионирал за Австро-Унгарија. Ова го правел и во текот на Првата светска војна, кога работел под прикритие како овчар во Трансилванија. Бил првиот кој киднапирал авион во историјата, за да избега од тогаш новата и краткотрајна унгарско-советска република во 1919.

Неговата родна Трансилванија со поразот на Австро-Унгарија припаднала на Романија. Како резултат на тоа неговиот татко ги губи имотите и богатството. Нопча морал да најде начин да се издржува, па се вработил во унгарскиот геолошки институт. Но канцелариската работа многу брзо му здосадила, па заминал во Европа со мотор заедно со Дода, за да проучува и да собира фосили, од кои дел продал за да си ги покрие долговите, на Природно-научниот музеј во Лондон.

За тоа време и Дода активно работел, собирајќи материјали од земјите низ кои поминувале. Тој е автор и на книга која се однесува на територијата на Македонија - „Селскиот живот на Албанците во Горна Река близу Дебар (Македонија)“, напишана во Виена во 1914, а објавено постхумно во 2007, откако била пронајдена во архивите. Исто така е автор и на голем број ретки фотографии од раниот 20 век, на области населени со Албанци во период додека тие му припаѓале на Османското царство. Неговиот интерес за Горна Река потекнува од фактот што бил роден во селото Штировица, кое денес не постои, а го добило името по притоката на Радика која тече во близина.

За жал, животот на Дода бил насилно прекинат на 45-годишна возраст. Неговиот партнер, Нопча, се разболел, до тој степен што во 1928 морал да држи предавања од инвалидска количка. Паднал во депресија, и во 1933 најпрвин му ставил седатив во чајот на Бајазид, пукал во него а потоа се убил и себеси. Во својата последна порака напишал:

„Причината зошто го убив мојот долгогодишен пријател и секретар, без тој воопшто да го насети тоа, е што не сакав да го оставам болен и сиромашен, затоа што инаку премногу ќе се мачеше“.

Нопча направил голем број откритија од областа на геологијата и палеонтологијата. Но неговите дневници откриваат дека бил терсене човек, фокусиран на себеси, а во еден момент дури и со амбиција да стане крал на Албанија. Неговите мемоари биле објавени на германски во 2001, а на англиски во 2014, под наслов „Патник, научник, политички авантурист: трансилванскиот барон и раѓањето на албанската независност“.

Во 2016 Висар Вишка режира документарен филм на оваа тема под наслов „Дода: животот и авантурите на баронот Франц Нопча“, кој е сниман пет години на различни локации. Целиот филм, кој беше премиерно прикажан во МКЦ во февруари истата година, е достапен на Јутјуб тука